1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирачките христијани во страв од налетот на Исламската држава

Кети Отен, Ал Кош/ БГ13 октомври 2014

Додека светот е фокусиран на Кобане, борците на Исламската држава ја продолжуваат кампањата против малцинствата во Ирак. Во древното село Ал Кош, група слабо вооружени христијани се борат за опстанок.

Фотографија: Jodi Hilton 2014

Мрајма Мансур, кој ја предводи ноќната патрола на асириските христијански борци во градот Ал Кош, делува нервозно. Во појасот носи нож, а неговите големи зелени очи се закрвавени. Околу него седат неговите луѓе, со оружјето спуштено околу нозете и пијат сладок чај. Говорат за предавство. Кога курдските пешмерга-борци се повлекоа за време на нападите на Исламската држава врз христијанските села на почетокот на август, Мрајма и неговите луѓе останаа, не знаејќи дали и Ал Кош ќе биде нападнат. Силите на ИД беа само неколку километри на југ. Речиси сите жители избегаа, стравувајќи од најлошото.

„Имавме 70-80 луѓе кои останаа и стражареа на планината. Тие беа од различни партии. Се плашевме дека крадците ќе дојдат“, вели Мансур.

Ал Кош, асириско христијанско гратче со околу 6 илјади жители, се издигнува високо над долината Нинава. Некои семејства сега претпазливо се враќаат, а пешмерга-борците полека ги одбиваат силите на ИД на фронтот кој се наоѓа на околу 15 километри. Само попладневното ѕвоно на камбаната и понекое возило го нарушуваат попладневниот мир. Манастирот Рабан Хормзид од 7. век, сместен во карпите над градот, е затворен поради безбедносната состојба.

Курдите - единствени заштитници

Во градот владее вознемиреност. Неколкуте контролни пунктови на пешмерга се‘ уште се активни на патот кој го поврзува Ал Кош со фронтот до градот Тел Искоф. Мрајма забележал дека Курдите се повлекуваат од своите пунктови. „Видов тенкови и возила како се повлекуваат од Тел Искоф. Веднаш им кажавме на нашите семејства да си одат бидејќи не е безбедно“.

Продавница во Ал КошФотографија: Jodi Hilton 2014

Сега останува на христијанските борци, кои се облечени во маскирни униформи и возат стари возила, да ги одбранат своите огништа, иако се свесни дека не можат да им се спротивстават на борците на ИД.

„Кога ќе забележам дека Курдите се повлекуваат тоа значи дека ИД доаѓа. Доколку не‘ напуштат не знам што ќе правиме? ИД ќе не‘ убие и без оружје“, вели Мансур.

Хемин Хаврами, кој раководи со бирото за надворешни работи на Демократската партија на Курдистан, вели дека пешмерга не можат да и‘ се спротивстават на ИД. Во моментов има околу 100 борци на Асириското демократско движење и околу две илјади доброволци подготвени за борба, како и борци кои се приклучени кон различни христијански фракции.

Ѓаконот во локалната црква Св. Ѓорѓи, Вадах Сабих ни пријде додека се читаа молитви на древниот асириски јазик (дијалект на арамејскиот, н.з.). „Многу го браневме Ал Кош од различни непријатели низ вековите. Но, сега е невозможно да се одбраниме“, продолжи Сабих со шепот.„ Ни армијата не може да и‘ се спротивстави на ИД, па како ќе може едно мало село?“

Живот во постојан страв

Христијаните се гневни поради тоа што мораат да ги напуштат своите вековни огништа. 10 август годинава беше првата недела во последните векови во која ѕвоната на црквата Св. Ѓорѓи во Ал Кош не се огласија, вели Сабих. Пред 2003 година се проценуваше дека во Ирак живеат околу 1,5 милиони христијани, а денес ги има одвај 400 илјади, од кои голем дел се подготвуваат да си заминат.

Гробиштата во историскиот град Ал КошФотографија: Jodi Hilton 2014

По падот на Мосул, етничките и верските малцинства во Ирак живеат во постојан страв. По масакрите и раселувањето на Језидите, беа формирани борбени единици за заштита на ова религиозно малцинство во провинцијата Синџар.

„Во Синџар, Језидите не им веруваат на странци, сеедно дали Курди или Арапи, кога се работи за нивната заштита - тие сакаат самите да се грижат за безбедноста. Ние не сакаме да го поделиме Ирак, ние сакаме само да се грижиме за сопствената земја“, вели Јакуб Јако, член на курдскиот регионален парламент од редовите на Асириското демократско движење. Но, и на Јакуб му е јасно дека за да се порази ИД, борбените организации на различни мали заедници ќе мора да се обединат и да добијат поддршка. Борците досега бараа поддршка од Багдад и Ербил, како и од меѓународната заедница.

Мрајма вели дека и тој ќе си замине доколку не добијат поддршка. „Ќе го земам пасошот, семејството и ќе одам во друга земја, затоа што тука нема да биде безбедно“.

Жителите на Ал Кош одамна ја загубија довербата во своите заштитници. Проблемот е што во овој конфликт тие веќе не знаат на кого да се потпрат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми