1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ИСАФ во Авганистан

22 декември 2005

Германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг денеска допатува во посета на германските војници што се наоѓаат во мисијата ИСАФ во Кабул.

Министерот за одбрана Јунг во посета на Кабул
Министерот за одбрана Јунг во посета на КабулФотографија: AP

Во германскиот камп тој се информираше за актуелната ситуација и за ризиците во Авганистан. Војниците на Бундесверот освен во Кабул, се стационирани и во Кундус, Фајсабад и Маср - и - Шариф:

„ИСАФ е овде за надежта и сигурноста на оваа земја. Да ги прифатиме жртвите како задача и обврска за секој од нас и за уште поглем ангажман. На противниците им порачуваме: доста е„!

Ова беа зборовите на командантот на германските војници во составот на ИСАФ, генерал Ханс Кристоф Амон изречени на 15 ноември, еден ден по самоубиствениот напад во Кабул во кој беше убиен еден и беа ранети двајца германски војници. Малку подоцна одговорноста за нападот ја презедоа радикалните Талибанци, што не беше прв напад врз војниците на ИСАФ. Пред две години во сличен напад загинаа четворица, а беа ранети 29 војници. Тогаш капетанот Франк Берингер изјави:

„Нашата единица секој ден е на терен, мораме да возиме низ градот, па сме изложени на се. Одиме со измешани чувства кога ќе се случи нешто такво. Во таков случај ја напуштаме рутината, но потоа се се враќа на старо. Дали тогаш се сите доволно будни, е големо прашање„.

По улиците на Кабул германските војници веќе четири години влеваат доверба. Мултинационалните сили треба да придонесат за повеќе безбедност и за обновата на авганистанските безбедносни сили. Германските патроли одат секогаш заедно со авганистански полицајци. На тој начин треба да се демонстрира дека германските војници не се окупатори, туку помошници.

Од пред две години германските војници се стационирани и во Кундус и Фајсабад. Приемот таму – пријателски:

„Колку повеќе Германци, толку подобро„ вели аптекартот Дад Али од Кундус. „Ние и припаѓаме на иста нација, на ариевската. Историјата покажува дека Германците во Авганистан се ангажираат од срце и не следат сопствени интереси„.

Меѓутоа, ваквиот прием не може да го скрие податокот дека безбедносната ситуација во земјата се влоши. Скоро секоја недела има напади врз странските војници и најчесто ги извршуваат Талибанците. НАТО неодамна најави дека бројот на војниците во мисијата ИСАФ ќе биде зголемен од 9 на 12 илјади заради зголемување на безбедноста во земјата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми