„Се' е можно ако си упорен“
1 ноември 2019Не знам дали може да кажам дека сум снајдена, но сум прилагодена, вели младата Александра Јакимова, една од многуте Македонци кои во последните години се доселуваат и работат во Германија.
„Почетокот е секогаш тежок. На почетокот има најмногу обврски. Сега имам некои работи до некаде средено, продолжување на визата и некои слични работи. Малку сум растоварена. Уште тие некои главни работи да ги завршам и ќе биде подобро“, вели Александра.
А, списокот со нејзините „главни работи“ не е мал: подобрување на знаењето на германскиот јазик, полагање возачки испит, наоѓање нов стан...
„Тешко е. Доста е тешко барањето стан. Премногу луѓе сме и тука. Сите бараат стан“, раскажува Александра, додавајќи дека таа бара стан кој ќе ѝ биде близу работното место - „Старбакс“ на Франкфуртскиот аеродром. Освен тоа, станот не смее да биде премногу скап. Досега потрагата не е успешна.
Затоа, пак, успешно ги совладува работните задачи. Од татковината дошла со искуство во гастрономијата:
„Брзо поминуваат тие осум часа. Не велам дека не е напорно, осум часа е турбо, бидејќи е ародром, раздвижено, има премногу летови, некогаш се откажуваат многу летови, па доаѓаат премногу луѓе, не може да се сопре, но тоа го прави интересно она што јас го работам.“
Што ѝ е најтешко и зошто смета дека сѐ може да се оствари? Погледнете го видеото:
Работењето во смени го зема својот данок, па Александра вели дека е често уморна, дури и во своите слободни денови. Затоа се обидува да најде ново работно место:
„Постабилна работа во смисла да не треба да работам од понеделник до недела, да не мора да работам на секој празник, и за нашите, православните, и за католичките, да не морам да станам во 4 наутро, или да не се прибирам премногу доцна дома.“
Тврди дека нема неостварливи цели:
„Се' може, со каков било пасош. Се' може да се направи ако е човек упорен. Ако е човек упорен и ако е добар во некоја работа, затоа јас и сакам да ги направам тие обуки и работи што сакам да ги направам, затоа што ако имаш амбиции, секоја фирма би сакала да работиш за неа. Тука не гледаат многу дали си со виза, или не. Се' тоа може да се среди и од овде, нема потреба од враќање во Македонија. Менување на работна дозвола за работно место трае три недели, еден месец најмногу, така што ништо не страшно. Има шанси за кој било човек, со кој било пасош ако доволно е убеден сам во себе дека може да направи нешто повеќе од сам себе, тогаш постои можност, да.“
Зашто, како што ни кажа и пред четири месеци, неколку дена пред да се исели од татковината, Германија е земја која „нуди многу опции“. Еве со какви планови Александра тргна од Скопје: