1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Искрената соработка - европска визија на регионот“

Милчо Јованоски31 мај 2013

Во Охрид денеска се одржува состанок на министрите за надворешни работи на земјите учеснички на ПСЈИЕ. На состанокот покрај шефовите на дипломатиите од регионот присуствува и ЕУ комесарот за проширување Штефан Филе.

Фотографија: DW

„Македонија оди напред со реформите, но за продолжувaње на евроинтеграциите на земјата е важна и реализацијата на мартовскиот договор со сите негови пет точки“, порача комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе од конференцијата на министрите за надворешни работи на ПСЈИЕ во Охрид.

„Процесот за соработка во Југоисточна Европа во последниве неколку години дејствува како глас на регионот. Но, соработката мора да биде инклузивна и да се постигне консензус за прием на Косово, што би било поздравено од Европската унија“, порача од Охрид еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Филе истакна дека нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е долг процес, а инклузивноста на државите ќе придонесе за решавање на отворените прашања.

Штефан ФилеФотографија: dapd

„Нашата визија за иднината ќе се оствари, ако заеднички соработуваме и бидеме добри соседи,“ истакна македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и дополни: „Треба да учиме од минатото додека градиме сериозни изгледи за иднината. Очекуваме со ваквите средби да придонесеме за зголемена регионална соработка. Во изминатите 17 години имавме фундаментална политичка, економска, социјална и културна размена. Се соочивме со многу предизвици, цел ни е да најдеме решенија за нив. Треба заеднички да стоиме и да се поддржуваме кога и да е неопходно. Македонија како земја кандидат за членство веќе осум години работи на остварувањето на препораките од Брисел и добрососедските односи. Одговорни сме за иднината, отворени сме и посветени за партнерство да дискутираме за заедничките прашања и да ги решаваме проблемите и Македонија ќе остане упорна за остварување на евроатланската цел“, подвлече Попоски.

Никола ПопоскиФотографија: DW

„Денешниот состанок е доказ дека земјите од регионот можат да соработуваат меѓу себе“, истакна Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ. Посочи дека ПСЈИЕ помогна во помирувањето, соработката и напредокот на регионот и очекува дека така и ќе продолжи. И' честита на Хрватска за претстојниот влез во Унијата и го поздрави како многу охрабрувачки неодамнешниот договор Белград-Приштина.

Новиот бугарски министер за надворешни работи Кристијан Вигенин истакна дека нема подобар начин од започнувањето на новата функција од ваква средба за регионална соработка. Тој тврди дека Бугарија е свесна за својата одговорност во регионот и како членка на ЕУ и НАТО е голем заговарач за прием на земјите од регионот во овие организации, но потенцира дека членството е остварлива цел кога ќе се исполнат критериумите.

Криситјан ВигенинФотографија: vigenin.eu

„Бугарија иницира серија регионални иницијативи за соработка. Добрососедските односи се важни за билатералната соработка и ќе придонесат односите меѓу Македонија и Бугарија да се подигнат на ново ниво и да овозможат поголема соработка. Европските перспективи повлекуваат економско социјални промени, но и надминување на стереотипите на Балканот“, рече шефот на бугарската дипломатија Вигенин.

На средбата на шефови на дипломатиите од ПСЈИЕ учествуваат и министрите за надворешни работи на Хрватска Весна Пушиќ, на Црна Гора Игор Лукшиќ, на Србија Иван Мркиќ, замениците министри на Босна и Херцеговина, Турција и Косово, и политички директор од Грчкото МНР. Романија ја претставува државниот секретар за надворешни работи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми