1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламот и изборната кампања во Германија

Матијас фон Хајн
21 август 2017

Бегалска криза, внатрешна безбедност, тероризам: важни теми пред изборите за германскиот Бундестаг, а со тоа истотака и Исламот.

Blick auf Kölner Zentralmoschee
Фотографија: picture alliance/dpa/H.Kaiser

Германија е секуларна земја. Религијата не игра никава улога во политиката, во принцип. Но, масовното доселување на муслиманските бегалци во Германија во есента 2015 година и исламистичкиот терор го воведоа исламот во политичката агенда. „Германија не е бурка“, рече, на пример, германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие, објаснувајќи ја својата теза за германската водечка култура на крајот на април годинава. Забраната за бурка секогаш одново се појавува во дебатите за интеграцијата, исламот, исламизамот- без разлика што во Германија комплетно се покриваат само неколку стотици жени. Вистина е, исто така, оти некогашниот германски претседатал Кристијан Вулф во својот говор од 2010 година, за кој толку многу се дискутираше, рече: „Исламот е дел од Германија“. Но, на крајот на септември се избира нов состав во Бундестагот и етаблираните партии стравуваат од конкуренцијата на десничарските популисти.

Бегалците- топ тема

Сепак особено двете големи партии ЦДУ (Христијанско-демократската унија) и СПД (Социјалдемократската партија) во својата досегашна кампања ги избегнуваа темите ислам, водечката култура и интеграција, сѐ додека во средината на јули темата за „бегалската криза“ не ја започна кандидатот за канцелар од СПД, Мартин Шулц. Според мислењето на берлинскиот политиколог Оскар Нидермајер „бегалската проблематика во очите на народот е длабоко испреплетена со исламот и теророт, и далеку е најважна тема“. Овој политички аналитичар, специјализиран за политичките партии, вели за ДВ дека таа тема би можела да се разгори во последните недели пред изборите.

Фотографија: DW/S. Niloy

Она што дискусијата за исламот и Шеријатскиот закон би можело дополнително да ја закомпликува е тоа што постојат многу толкувања кои ги замаглуваат границите. „Со Шеријатскиот закон можете да газите по човековите права или да ги оправдувате човековите права со тој закон“, рече за ДВ стручњакот за ислам Матијас Рое на маргините на конференцијата во Франкфурт на која се расправаше за тензиите меѓу ’Шеријатскиот закон и Уставот на Германија’.

Таму каде што се спроведува Шеријатскиот закон како норма се видливи репресивни тенденции, вели Сузане Шретер. Во интервју за ДВ, раководителката на франкфуртскиот центар Глобален ислам (ФФГИ), како пример го наведува родовиот поредок. „Во секое правно училиште гледате нешто слично, оти мажите и жените не се еднакви и дека мажите се привилегирани.“

Тенденции да се спроведе репресивен исламски поредок, Шретер ги гледа и во Европа. „Секаде постојат муслимански населби, особено во Велика Британија, но и во предградијата на Париз, се гледа дека овој поредок се воспоставува во општетвеното милје.“ Шретер го опишува ова влијание: „Во одредени кафулиња и ресторани во тие населби жените воопшто не доаѓаат, а за време на Рамазан се целосно затворени. Таму не се поставува прашањето дали жената која не е покриена може да излезе на улица. Таму воопшто нема веќе непокриени жени.“

Шретер пак признава оти во Германија се далеку таквите односи. Но, и тука постои притисок врз девојчињата на училиште да носат марама и да се држат до поделбата меѓу половите. „Потоа на тие девојчиња им се врши мобинг, ги снимаат со камера, поставуваат снимки на интернет, а на родителите им велат дека ќерката им е проститутка“, вели оваа експертка за Ислам од Франкфурт.

Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Заблуди за мултикултурализмот?

Политикологот од Дрезден, Вернер Пацелт во ова гледа „заблуди за мултикултурализмот“. За Пацелт рамноправноста на половите е посебен дел од европската, западната култура- бидејќи културата е предуслов за нашиот стил на живот во целост. Пацелт го застапува мислењето оти мултикултурализмот претпоставува сите доселеници да ја прифатат нашата култура, а всушност да се разликуваат само по тоа што носат друга облека, слават други празници... „Но, тоа не е така кога поединци сериозно имаат оредено толкување на религијата.“ Во однос на политичките партии тој објаснува: „Колку е партијата подесна сѐ повеќе зборува дека нашата култура не смее да се промени. И тие се залагаат за тоа нашиот модел на култура дека мора да се прифати.“

Политикологот од Берлин, Нидермајер, во поглед на изборните програми забележува дека е застапено прашањето дали Германија би требала повеќе да се отвори во насока на мултикултурно општество, или пак би требало да се зајакнат историски сраснатите системи и норми.

Наспроти тоа ниту една партија досега во својата програма ги немала муслиманите како целна група. А во Германија живеат околу 5,5 милиони муслимани. Додуша, не се знае точно колку од нив имаат право на глас.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми