1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Исламската држава“ обезглави британски хуманитарен работник

Александар Методијев/афп/ројтерс14 септември 2014

Претседателот Барак Обама изјави дека САД ќе бидат „рамо до рамо“ со Обединетото Кралство, откако „Исламска држава“ го обезглави Британецот Дејвид Хејнс. Милитантите објавија видео тврдејќи дека на него е убиството.

Фотографија: DW

„Чин на чисто зло“ – вака британскиот премиер Дејвид Камерон го нарече убиството на британскиот заложник од страна на „Исламската држава“. Тој рече дека неговата земја ќе стори се’ што е во нејзина моќ да ги изнесе убијците пред лицето на правдата.

„Ова е подло и одвратно убиство на невин хуманитарен работник. Тоа е чин на чисто зло“, стои во изјавата на британскиот премиер. Камерон додава дека „ловот на овие убијци“ ќе трае колку долго и да е.

Со изјава се огласи и американскиот претседател, кој остро го осуди „варварското убиство на Хејнс од страна на терористичката група „Исламска држава“. Обама порача дека неговата земја „стои рамо до рамо со блискиот пријател и сојузник“.

„Ќе работиме со Обединетото Кралство и широката коалиција на нации од регионот и ширум светот за да ги изнесеме пред лицето на правдата сторителите на ова ужасно дело, како и да ја деградираме и уништиме оваа закана за луѓето во нашите земји, регионот и светот“, стои во изјавата на Обама.

Пред изјавите на двајцата државници се огласи и британското Министерство за надворешни работи, кое информираше дека работи на потврда на автентичноста на видеоснимката, за која се верува дека е снимена во Сирија и на која се тврди дека се прикажува убиство.

„Исламската држава“ вчера објави дека обезглавила уште еден човек од западните земји. Тоа е трето обезглавување во последните недели. Од терористичката организација порачаа дека видеото е „порака до сојузниците на Америка“ и во него се обвинува британскиот премиер Дејвид Камерон дека влегол во коалиција со САД, кои, како што се вели во пораката од „Исламската држава“, се во „војна“ со оваа организација. САД веќе неколку недели спроведуваат воздушни напади против членовите на оваа организација во Ирак.

„Влеговте доброволно во коалиција со САД против ’Исламската држава’, како што направи и вашиот претходник Тони Блер, следејќи го трендот меѓу нашите британски премиери, кои не можат да најдат храброст да им кажат не на Американците“, вели Хејнс во подготвената изјава во објавеното видео од страна на „Исламската држава“.

Хејнс е татко на две деца и живееше во Перт, во Шкотска. Тој беше киднапиран во Сирија, во март минатата година, додека работеше за Агенцијата за техничка соработка и развој, која е француска добротворна организација. Тој претходно бил вклучен во хуманитарни активности на Блискиот Исток, како и на Балканот и во Африка. Меѓу 1999 и 2004 година Хејнс работел за „Сојузот на самариќански работници“, германска хуманитарна организација, која спроведувала реконструкциски работи во поствоена Хрватска.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми