1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Исламска држава“ се стреми кон воспоставување политичка власт

Арнд Рикман/ Превод: Жана Ацеска17 ноември 2014

Според медиумски извештаи, терористичката милиција „Исламска држава“ во меѓувреме развива државни структури. Тоа не е невообичаено за ваква организација, вели политикологот Јохен Хиплер во интервју за Дојче веле.

Дојче веле: Според истражувањата на германските јавни телевизиски сервиси НДР и ВДР и весникот Зиддојче цајтунг, милицијата „Исламска држава“ на своите членови им нуди здравствено осигурување, помош за склучување брак и парична поддршка за семејствата на борците кои се убиени или во затвор. Освен тоа, се води наводно целосна документација за атентаторите - самоубијци. Дали во овој случај може да се зборува за создавање правна држава?

Јохен Хиплер: Од технички аспект - не, зашто важен критериум на создавање на државите е да бидат признати од други држави, а тоа досега не се случи. Од строго правен план не може да се зборува за држава. Но, може да се каже дека организацијата веќе одамна се труди да создаде државни структури. Покрај аспектите кои ги набројавте, постои и плаќање данок и војска. Тоа создава впечаток дека „Исламска држава“ се ориентира во оваа насока.

Но, дали истото не може да се каже и за мафијата?

Разликата е очигледна: мафијата не контролира поголеми поврзани области. Но, ИД во Ирак и во Сирија во меѓувреме има толкаво значење, што географската област во која е присутно нејзиното влијание делумно е поголема од онаа на сириската влада. Тоа е разликата во однос на мафијата, која развива криминални активности во заднината во одредени делови од земјата, но не е во состојба да се спротистави на владата и да владее. Но, оваа „Исламска држава“ има судови, собира енормни даноци, има организирана војска со тенкови и артилерија, сето тоа се нешта кои мафијата ги нема.

Велите дека признавањето од страна на други држави е важен критериум на државноста. Дали може да се заклучи-ИД стреми кон тоа? Дали ИД воспоставува контакти со режими кои евентуално би биле подготвени да ја признаат како држава?

Досега не може да се осознае такво нешто, во извесна смисла тоа е и спротивно на идејата на „Исламска држава“. Организацијата повеќепати го менуваше името: „Исламска држава во Ирак“, потоа „Исламска држава во Ирак и Сирија“, сега се вика само „Исламска држава“, со аспирации да биде држава на сите муслимани. Тоа би значело дека во извесна смисла оваа милиција им конкурира на сите муслимански држави, на Саудиска Арабија исто така, како и на Сирија и Ирак. ИД сака да го заземе местото на сите други исламски држави, за да формира една, која ќе биде следбеник на пророкот Мохамед, што е целосно апсурдно и претерано. Се разбира, на ваков начин ИД се чувствува како надредена над сите други држави, а не само како една од нив. Реалноста е поинаква, но идеолошки во моментов се врши таква презентација.

Јохен ХиплерФотографија: privat

Ако се развијат државни структури во подрачјата каде владее ИД, што ќе значи тоа за конфликтот во северен Ирак и во Сирија?

Прво, мораме да констатираме: создавањето вакви структури или институции не е толку невообичаено колку што може да се помисли.Тоа постои и кај други организации - сетете се на пакистанските талибанци, кои исто така се трудеа во одделни делови од земјата да воведат сопствен правен и даночен систем. Во извесна сисла, бунтовничките движења често стремат кон вакви форми. И ослободителните движења во 70-те и 80-те години на минатиот век се обидуваа во слободните зони да создадат некаква државност. Значи, ИД следи одредена потребна логика кога станува збор за градење, зачувување и зацврстување на власта. Тоа не може да се прави како во некој клуб, туку мора вистински да се градат вакви структури. А ИД тоа го изведува релативно успешно, што од друга страна значи дека не можеме да ја сметаме само како терористичка организација, иако фактички таа според постапките е тоа. Конечно, ИД е организација која користи терор за постигнување на своите цели, односно за етаблирање на својата моќ.

Во Сирија и во северен Ирак државите структури се распаѓаат. Дали ИД го пополнува овој вакуум?

Тоа е токму вистинската причина за нејзиното јакнење. Ако помислите на пример на ситуацијата пролетоска, кога ИД за кратко време освои големи делови од северен и северозападен Ирак: тоа не се должи на силата на терористичката милиција. Таа беше добро организирана и значајна во споредба со другите. Но, всушност, нејзиниот успех е резултат на фактот што ирачката држава беше парализирана, веќе не функционираше, а ирачката војска едноставно се распадна. Војниците на ирачката војска не се бореа, туку дезертираа и си заминаа дома. Слично беше и во Сирија. Ако Ирак и Сирија беа функционирачки држави, ИД немаше да добие толкаво значење, колкаво што го има во меѓувреме. Преку остварените успеси, финансиската ситуација на ИД драстично се поправи. Според некои проценки, со освојувањето на Мосул, вториот град по големина во Ирак, во рацете на ИД паднале меѓу 400 милиони и една милијарда долари.

Јохен Хиплер e политиколог на Универзитетот Дуисбург-Есен. Во фокусот на неговата стручна работа е подрачјето на Блискиот и Средниот Исток, посебно по промените во исламските земји.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми