1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Ислам во, од и за Германија

28 ноември 2018

Повеќе од една година по изборите во Германија, министерот за внатрешни работи Зехофер иницираше нова средба на Исламската конференција. Се работи за подобра интеграција на исламот во германското право.

Deutsche Islam Konferenz 2016
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow

Траеше долго. По повеќе од една година по изборите, повеќе од 20 месеци по последната пленарна седница на Германската исламска конференција, ова тело денеска има средба во Берлин. Речиси 12 години по свикувањето на првата Германска исламска конференција од страна на владата, ресорниот министер за тие прашања, Хорст Зехофер, полага надежи во нови лица и става акцент на нови теми. Но, главната цел на конференцијата останува иста - подобра религиска и општествена интеграција на околу 4,5 милиони муслимани во Германија. На дводневниот настан кој почна со средба со министерот, официјално се дебатира за поттикнувањето на интеграција на терен и за едукацијата на имамите во Германија.

Но, последнава точка повлекува низа други прашања, кои сигурно ќе предизвикуваат контроверзи до крајот на мандатот на министерот, како на пример ситуацијата со исламската теологија на германските универзитети, финансирањето на имами и џамии од странски извори, прашањето за поголеми придонеси за државата од муслиманските заедници.

Повеќе: Колку џамии има во Германија?

Дали ќе има данок за џамии?

„Целта мора да биде џамиите во Германија веќе да не зависат од финансиска помош од странство“, изјави на почетокот на неделава државниот секретар за внатрешни работи Маркус Кербер за весникот „Билд". Дали тоа би можело да се реши преку официјално воведување данок за муслиманите, сличен на оној што го плаќаат христијаните во Германија за црквата и на тој начин ги финансираат нејзините активности? Кербер посочи дека еден од предусловите за да се наплаќа таков данок е џамиите да исполнуваат основни начела на германското право. Патот дотаму е долг.

Зехофер пак, во пресрет на средбата јасно и гласно побара исламските заедници да се организираат на начин што ќе ги исполнуваат барањата на религиското уставно право за соработка со државата, пренесува „Франкфуртер алгемајне цајтунг.“ За организацијата и финансирањето би требало да се понесува одговорност во Германија, а мора да има и издржаност и лојалност спрема државата.

Новата Централна џамија во КелнФотографија: DW/Julia Vergin

Покрај содржинските аспекти, в очи паѓаат и персоналните одлуки кои соодветствуваат на темата на завршната дискусија „Муслимани во Германија – германски муслимани“. Вообичаена пракса е по секоја нова рунда на Исламската конференција, односно по секој нов изборен циклус, да бидат номинирани и нови членови. Од првата рунда во 2006-та, секогаш пред почетокот на секоја конференција зоврива во рамките на муслиманската заедница и понекогаш се случувало и одредени кругови да се дистанцираат или да ја бојкотираат. Секогаш се работи за борба за власт и моќ во рамки на муслиманската заедница во Германија, за која никој точно не може да каже колку верници всушност претставува.

Поединци

Пред почетокот на четвртата рунда, Зехофер, кој како министер за внатрешни работи е задолжен и за религиите, демонстративно се фокусираше на поединци кои треба да бидат контратежа на претставниците на исламските верски здруженија. Меѓу нив е и основачот на либералната џамија Ибн Рушд од Берлин, Сејран Атес, како и психологот и експерт за ислам Ахмад Мансур. Сејран и нејзиниот колега Ахмад во Германија се познати заговорници за секуларен ислам. Претставниците на влијателните здруженија, меѓу кои и претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија, Ајман Мазијек и Абдурахман Атасој од Турско-исламската унија на Заводот за религија (ДИТИБ), ќе мора да се соочат со нивните ставови и барања.

За подобро да се разбере колку е значајна номинацијата на двајцата во Исламската конференција, доволно е да се фрли поглед на претходниот состав. Во неа од 2013-та година немаше ниту еден единствен поединец, туку само претставници на исламските заедници. Па така, не се ни разговараше за основните прашања за слобода и религија, туку за практични, но и важни аспекти за верниците, како активности за благосостојба, работата со младите и грижата за муслиманските затвореници.

Исламот..

Новото високо значење кое го добива новата конференција е по заслуга на Маркус Кербер. Овој 53-годишен економист во 2006., со тогашниот министер за внатрешни работи Волфганг Шобјле, со големо лично залагање ја поставија на нозе Исламската конференција. Во 2011 година Кербер го напушти политичкиот апарат и го презема лидерското место во Сојузот на германска индустрија. Пред неколку месеци, сосем изненадувачки, Зехофер го повлече назад кај себе. Кербер, кој официјално е државен секретар за грижа за татковината, сега ќе го унапреди „својот“ проект Исламска конференција.

Универзитетот Тибинген е првиот германски универзитет кој во 2012 година отвори студии по исламска теологијаФотографија: picture-alliance/dpa

...и Германија

Тој е многу важен – како коректив или преговарач – за неговиот шеф. Зехофер во средината на март, кратко откако стапи на функцијата, изјави: „Исламот не ѝ припаѓа на Германија." Германија е водена од христијанството. Неговата порака гласеше: „Муслиманите мора да живеат со нас, а не покрај нас или против нас," рече главниот човек на ЦСУ, кој тогаш уште во расположението од предизборната кампања во Баварија даваше потврдокорни изјави.

Неколку дена подоцна Ангела Меркел во својот прв владин говор по реизборот за канцеларка се огласи на оваа тема и во принцип се спротивстави на изјавите на Зехофер. Нема дилема дека „историскиот карактер на нашата земја е христијански и еврејски“. Но, со околу 4,5 милиони муслимани во Германија исламот „во меѓувреме стана дел од Германија."

Ифтарот ги поврзува луѓето

02:21

This browser does not support the video element.

Речиси неспоредливо

И покрај сите контроверзи и спорови – и дванаесет години од почетокот на Исламската комференција, ваквата иницијатива која има за цел муслиманската заедница во Германија да ја дообразува и да ја интегрира, е уникатна и во меѓунардони рамки. Австрија која повеќе од 100 години има официјален Закон за ислам кој го реформираше во 2015 година, во некои делови е понапредна. Така на пример, имамите во земјата треба да бидат финансирани од муслиманските верници во неговата џамија.

Во многу земји има „организирани разговори меѓу државата, односно државните органи и муслиманите, односно нивните преставници и здруженија“, вели портпаролка на Министерството за внатрешни работи за ДВ. Таа ги посочи Австрија, Холандија, Велика Британија и Франција. Но ваквите форми „речиси и да не се споредливи со германскиот модел."

Во земјите од Југоисточна Европа нема од државна страна организирана комуникација со муслиманите на кои би се разговарало за исламските аспекти, вели Луис Флакер, социолог од Барселона за Дојче Веле. Шпанија и Франција, на пример, во моментов, сѐ уште се во фаза на саморганизација на муслиманите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми