1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ислам со европски печат

18 декември 2010

Експертот за исламска религија Муханад Корхиде од пред неколку месеци ја води Катедрата за исламска педагогија на Универзитетот во Минстер. Либанец по потекло, тој со себе носи многу нови идеи.

Ислам по европски теркФотографија: picture-alliance/ dpa

Муханад Корхиде катедрата ја презеде од професорот Свен Калиш, кој во 2008 година предизвика скандал со тоа што ја доведе во прашање егзистенцијата на пророкот Мохамед. Почетокот не беше лесен, истакнува Корхиде: „Не знаев што ме очекува, но позитивно ме изненади тоа што за се‘ се најде решение. Во меѓувреме добивме и ветување за поддршка за формирање исламски институт. Секојдневно имаме пријави од муслимански студенти, но и од немуслимани, такашто во Минстер дуваат нови ветришта.“

Деликатна задача

Професор д-р Муханад КорхидеФотографија: WWU-Peter Grewer

Функцијата на Муханад Корхиде е деликатна, во ек на жешката дебата околу муслиманските доселеници, минарињата и џамиите, неуспешната интеграција, а и дилемата-дали исламот припаѓа кон Германија. 38-годишниот Либанец, кој претходно работел на Академијата за религиска педагогија во Виена, треба да оспособува професори кои во германските училишта ќе предаваат исламска религија.

Политичарите имаат високи очекувања во врска со неа: од една страна треба да придонесе за подобра интеграција на муслиманските ученици во Германија, од друга страна да ги имунизира младите муслимани кон екстремистичките ставови. Но, и муслиманските здруженија имаат свои очекувања-дека науката ќе биде ускладена со основите на исламот.

Исламска теологија по европски терк

Поддршката за формирање Институт за исламистика во Минстер за професорот Корхиде носи и нови предизвици.

„Прво треба да подготвиме нова програма за студирање исламска теологија, во соработка со другите научници. Ме радува што со моите искуства како теолог можам да придонесам во обликувањето студиска програма, слична на автентичните традиционални студии за исламска теологија на универзитетите во Египет или Турција, но и специфична: тоа треба да биде теологија од германски и за германски контекст. “

Имамите во Германија ќе стекнуваат образование во земјатаФотографија: picture alliance/dpa

Исламската теологија по германски или европски терк значи спој на исламот со демократијата, хармонизирање на исламот со правната држава и човековите права. Во фокусот се и прашањата за улогата на половите. Во етаблирањето ислам со европски печат верниците муслимани треба да најдат јасни, теолошки фундирани одговори на овие дилеми. Одговори кои ќе им овозможат исламот да го разберат како религија во склад со животот во Европа.

Моментно студентите во Минстер можат да студираат исламска теологија само како главен предмет. Но, од зимскиот семестар во 2011 година, првите студенти првпат ќе можат да добијат и комплетно образование за имами на германските факултети. Во Минстер или Оснабрик, кои во иднина ќе соработуваат меѓусебно како центри за изучување на исламот, треба во голем стил да бидат образувани педагози по исламска религија и имами. Освен Минстер и Оснабрик, дозвола како центар за исламска наука доби и Тибинген.

Автор: Улрике Химел/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми