1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Испратете траекти преку Средоземното Море!

Бернд Ригерт/превод: Ж.А. 7 август 2015

Најновата бегалска трагедија во Средозменото Море јасно покажа дека европските рецепти во бегалската политика не се од никаква корист. Сега конечно треба да се преземат порадикални мерки, смета Бернд Ригерт.

Фотографија: DW/B. Riegert

Повторно се случи трагедија. Се претпоставува дека пред либискиот брег се удавиле над 200 бегалци, откако нивното претоварено бротче се превртило. Во април, на ист начин загинаа веројатно 800 луѓе. Пред четири месеци, ЕУ свика вонреден состанок на врвот. Шефовите на држави или влади донесоа цела низа мерки. Удвоени се средствата за спасување на отворено море. Мисијата „Тритон“ на агенцијата за заштита на границите „Фронтекс“, под раководство на италијанската крајбрежна стража, требаше да спречи нови бегалски драми. Но, во тоа не успеа, една сепак се случи.

Рутата преку Средозменото Море стана најопасна бегалска рута во светот. Во првите седум месеци од оваа година опасната авантура со својот живот ја платија над 2000 луѓе. Зар не е време конечно да се свика нов кризен самит? Ново зголемување на финансиските средства и поинтензивни мерки за спасување на море веројатно повторно не би биле вистинскиот одговор, зашто самото сознание дека постои барем извесна шанса некој да ги спаси, се‘ повеќе ги тера луѓето во шверцерските бродови и чамци, неспособни и несигурни за пловидба.

Отворање на легални патишта

Европејците мора што порано да почнат со сузбивање на овој проблем и да спречат бегалците воопшто да тргнат на опасниот и нелегален пат преку Средозменото Море. А тоа ќе им успее само ако ЕУ отвори легални патишта за влез и поднесување барања за азил. Во избрани пристаништа во Италија, Шпанија, Франција и Грција би требало да бидат формирани прифатни центри во кои во релативно краток рок би требало да биде одлучено дали некој бегалец може да остане во Европа или не. Бегалците на кои ќе им се дозволи поднесување барање за азил, треба да бидат праведно распоредени низ ЕУ. Оние за кои ќе се констатира дека не ги исполнуваат условите за да бараат азил, би требало консеквентно да бидат вратени во земјите од кои доаѓаат.

Да се прифатат сите бегалци-тоа во Европа не е политички изводливо. Идејата на министрите за внатрешни работи на членките на ЕУ за основање вакви прифатни центри во северна Африка остана само во доменот на теоријата. ЕУ не може да најде партнерски земји со кои би ја реализирала оваа идеја, а освен тоа, на патот на нејзиното спроведување во дело стојат куп практични и правни пречки.

Бернд Ригерт

Тргнувањето на илегален и пат опасен по живот може да се спречи само со воведување некој вид хуманитарна траектна линија меѓу Либија и Сицилија. Моментно секој ден меѓу 500 и 1.000 бегалци илегално го преминуваат Средоземното Море. Толкав број луѓе би можел секојдневно да пренесува траект на ЕУ, без ризик по нивниот живот и нивната безбедност. Тие луѓе и вака и онака тргнуваат на пат. Вака, со легален траект, би се уништил бизнисот на криумчарите на луѓе. Тој траект не би морал задолжително да застанува пред Либија, во која владее беззаконие, би можел да испловува и од Тунис или Египет. Мислите дека е тоа утопија? Но, што е алтернативата? Сигурно е дека, ако продолжи вака, постијано ќе се случуваат нови катастрофи.

Изолацијата не е решение

Теоретски би била можна и опцијата на „австралискиот модел“: да не се доделува повеќе азил и затворање на границите на ЕУ. Со воена блокада, ЕУ би можела со сила да спречи бротчињата со бегалци воопшто да ги напуштат либиските територијални води. Но, тоа би било нехумано решение кое би довело до уште побројни жртви. Обидот на ЕУ по вонредниот самит во април, барем да започне воена операција против шверцерите со луѓе, пропадна и пред почетокот, зашто за таква операција нема да може да се добие мандат од ОН. И тоа, се чини, е слепа улица.

Најдобро би било, се разбира, кога луѓето не би морале веќе да бегаат од своите татковини од верски, политички и економски причини. Меѓутоа, би било илузорно да се верува во можноста на краткорочна елиминација на причините за нивно бегство. За да се случи тоа, би морала да зврши војната во Сирија, Еритреја би морала да биде демократизирана, а западна Африка да доживее економски процут. Влијанието на ЕУ врз овие фактори е прилично ограничено. Соработката со земјите од кои што доаѓаат бегалците, а на која постојано се повикува, досега остана само пуста желба. На тие држави, за жал, воопшто не им е грижа за нивните граѓани кои заминуваат во ЕУ. Тие не преземаат одговорност за нив, туку неа ја префрлуваат врз ЕУ.

Европската унија пак сфати дека нејзината досегашна заедничка политика кон бегалците и барателите на азил не е доволно ефикасна. Во едно невообичаено отворено соопштение, Европската комисија ги повика сите земји-членки, но и нивните граѓани, да престанат да леат крокодилски солзи, туку да почнат да делуваат. Не постојат едноставни решенија, затоа е потребно да се соберат сили за невообичаени и драстични чекори-инаку секогаш наново ќе се случуваат трагедии: бегалците ќе умираат во обид да стигнат до Европа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми