1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжува животот во Истанбул

Ана Лекас Милер/бг21 март 2016

Жителите на Истанбул тагуваат по жртвите на самоубиствениот бомбашки напад обидувајќи се во истовреме да му се вратат на нормалниот живот. Стравот од нови напади останува голем.

Фотографија: DW/A. Lekas Miller

На местото каде што за викендот експлодираше бомбашот-самоубиец поставени се турски знамиња и бели цвеќиња. На булеварот Истиклал во Истанбул загинаа четворица туристи, а уште 39 луѓе беа повредени.
„Не можам да поверувам дека се случи токму овде“, вели Асил, 29-годишна адвокатка која работи во квартот, додека им оддава почит на жртвите.
„Минувам низ оваа улица секој ден одејќи кон работа“.
Нападот се случи во 11 часот утрото во саботата, вообичаено мирно време на инаку раздвижениот булевар кој е популарен меѓу туристите и локалните жители како место за шопинг и разонода. Откако местото беше расчистено и се отворија улиците, граѓаните почнаа да се собираат на местото на нападот, оставајќи букети со цвеќиња, мали свеќи и пораки на повеќе јазици со кои се осудува тероризмот и им се оддава почит на жртвите.
Една порака на француски гласи: „Пред неколку месеци бевме Париз. Денеска сме Истанбул“.
Друга на турски: „Не се плашиме. Нема да се навикнеме на ова. Нема да молчиме“.

Кој е виновникот?

Иако безбедноста за време на викендот беше на повисоко ниво поради прославата на Курдската Нова година- бомбашот подоцна беше идентификуван како симпатизер на „Исламската држава“ од турска националност.
„Истрагата покажува дека терористот е поврзан со терористичката организација Даеш“, изјави турскиот министер за внатрешни работи Ефкан Ала, користејќи го арапскиот акроним за ИД.

Булеварот Истиклал во Истанбул.Фотографија: DW/A. Lekas Miller

Во часовите по нападот, мачна тишина го замени вообичаениот џагор во Истанбул. Иако јавниот превоз функционираше, многумина ги избегнуваа метрото и поморскиот превоз, кои во минатото беа популарна цел на терористите. Сообраќајот во кој Истанбул вообичаено е задушен во овој период од денот, практично беше непостоечки.
Ноќта, баровите и ноќните клубови во Таксим- веднаш зад Истиклал, иако беа отворени речиси и немаа гости.
„Се надевавме дека некои луѓе ќе дојдат, за да покажат дека не се плашат“, вели Озан, менаџер и шанкер во еден популарен бар.
„Но очигледно, луѓето се уште не се подготвени“.

Почит за жртвите на нападот.Фотографија: DW/A. Lekas Miller

Враќање во нормала

Во понеделникот, дуќанџиите на Истиклал полека ги отвораа своите продавници, надевајќи се дека работите ќе се вратат во нормала. Иако некои пријавуваат дека дел од работниците останале дома, а родители одбивале да ги испратат децата на училиште, сепак во продавницата спроти местото каде експлодираше бомбата, работниците велат дека животот продолжува

„Чудно е да им посакувате добредојде на муштерии од дуќан кој гледа директно на местото“, вели Фатих, продавач кој работи во продавницата спротив местото на нападот. По нападот, многумина се скриле токму во продавницата, чекајќи полицијата да ги евакуира.
„Но денеска морам да работам, и не можема вечно да избегнуваме да го живееме својот живот. Нема да живееме скриени“, вели Фатих.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми