Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ќе го предаде во употреба новиот аеродром во Истанбул, кој го носи епитетот најголем во светот.
Фотографија: picture-alliance/AA/UGA
Реклама
Новиот аеродром во Истанбул, кој треба да го замени помалиот аеродром Кемал Ататурк на Мраморното Море, е предвидено да биде воздушна крстосница меѓу Европа и Азија, а истовремено и најголемо воздушно пристаниште во светот. За почеток, авиокомпанијата Туркиш Ерлајнс ќе лета само на пет дестинации, а големата преселба на воздушната патничка флота е предвидена за крајот на декември оваа година, што значи дека регуларниот воздушен сообраќај ќе стартува од новиот аеродром од почетокот на јануари.
Планирано е во почетната фаза услугите на аеродромот да ги користат 90 милиони патници годишно, но перспективно, по завршувањето на последната фаза од изградбата во 2028. година, бројот би требало да порасне на повеќе од двојно, на 200 милиони патници. Досега трошоците на изградбата изнесуваат околу 7,5 милијарди евра. Заштитниците на природната средина критикуваат што како жртви на изградбата на аеродромот во Истанбул паднаа стотици илјади дрвја, а огромни површини мораа да бидат расчистени.
Најголемите аеродроми во светот
Истанбул доби нов аеродром, кој го носи епитетот досега најголем во светот. Но, што значи тоа и кои се останатите за кои важат суперлативи?
Фотографија: Presseabteilung Igairport
Хартсфилд-Џексон аеродром, Атланта, САД
Хартсфилд-Џексон во Атланта без дилеми е најфреквентниот аеродром во светот: во 2017. година од тука полетале или тука слетале речиси 104 милиони патници. За споредба, ниеден друг аеродром не бележи повеќе од 100 милиони патници.
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Goldman
Аеродромот во Пекинг, Кина
Меѓународниот аеродром во кинескиот главен град Пекинг е рангиран на второ место, благодарение на 95,8 милиони патници во 2017. година. Голем подем за пекиншкиот воздушен сообраќај беа Олимписките игри во 2008. година, за чии потреби познатиот архитект Норман Фостер проектираше нов џиновски терминал.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Reynolds
Меѓународен аеродром во Дубаи
Дубајскиот аеродром лани забележал преку 88 милиони патници. Интересно е што, од арапски аспект, сите биле странци, имено - 87,72 милиони. Кај патниците аеродромот во арапската пустинска метропола е посебно омилен поради големата трговска понуда и речиси легендарната репутација.
Фотографија: Reuters/A. Mohammad
Токио-Хандеа, Јапонија
Со спортска терминологија, аеродромот Токио-Ханеда го зазема „неблагодарното“ четврто место, значи останува без медал. Но, лани во токискиот главен град се регистрирани 85,4 милиони патници, што е сепак огромна бројка вредна за почит.
Фотографија: AFP/Getty Images/K. Nogi
Лос Анџелес, САД
Овој авион за неколку моменти слетува на аердоромот во калифорниската метропола Лос Анџелес, придонесувајќи делумно за впечатливата бројка од 84,56 милиони патници во 2017. година, доволно за позицијата број пет на светската листа.
Фотографија: picture alliance/Markus Mainka
Аеродромот О‘Хара, Чикаго, САД
Еден од 79,81 милиони патници во Чикаго: германската фудбалска ѕвезда Бастијан Швајнштајгер, кој сега, на залезот на својата кариера, игра за „Чикаго Фајр“ во американската МЛС лига, поради што често го посетува аеродромот во градот. Аеродромот, патем, не го носи името на ирски фудбалски играч, туку на пилот-херој од војната.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Shen
Хитроу, Велика Британија
И во Европа често и многу се патува во воздух, што докажува и седмото место на нашата листа на најголеми аеродроми во светот, на кое се наоѓа најголемиот од трите лондонски воздушни пристаништа, Хитроу. Овде лани се регистрирани 78,01 милион патници.
Фотографија: Getty Images/D. Kitwood
Меѓународен аеродром Хонгконг, Кина
Дали во жичарницата има патници или не, е сеедно, зашто тие секако не спаѓаат во оние 72,67 милиони патници кои лани го користеле аеродромот во Хонгконг. Поради растечкиот број патници, аеродромот е проширен кон морето, што добро се гледа на фотографијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/X. Yun
Меѓународен аеродром Пудун, Шангај, Кина
Безбедноста на прво место! Како и насекаде во светот, тоа важи и на аеродромот Пудун во Шангај, посебно за неговите 70 милиони патници во 2017. година. Бројот бележи мал пад во однос на претходната година, но затоа пак пораснал волуменот на товарен воздушен сообраќај, за преку 11 проценти.
Фотографија: picture-alliance/Imaginechina
Шарл де Гол, Париз, Франција
Аеродромот Шарл де Гол е на десетто место на нашата хит-листа. Воздушната крстосница за домашната авиокомпанија Ер Франс лани ја користеле 69,47 милиони патници. Во рангирањето притоа не се замени предвид многу параметри: товарниот сообраќај, изградениот корисен простор, бројот терминали, ефикасноста....
Фотографија: AP
Берлин Бранденбург, Берлин, Германија
Овде посебно може да се истакне брзината на изградба, во негативна смисла. Тука Германците имаат шанса за бидат прваци! Употребувајќи еуфемизам, би можеле да кажеме - не се гради бавно, туку темелно. Завршувањето на аеродромот доцни моментно девет години.