1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Каква е положбата на христијаните во ОАЕ?

4 февруари 2019

Папата Франциско е во посета на муслиманска земја, во која живеат и многу христијани. Тие имаат права, но и граници. Не може да се зборува за слобода на вероисповед во западна смисла.

Vereinigte Arabische Emirate Papst in Abu Dhabi gelandet
Папата Франциско во Абу Даби беше пречекан од принцот престолонаследник Шеик Мохамед бин Зајед Ал НахијанФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Medichini

Папата Франциско во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ќе оствари средби со многу верници. Според проценките, во оваа земја живеат околу 800.000 христијани, односно околу 9% од населението. Повеќето доаѓаат од јужна и југоисточна Азија и во ОАЕ работат како гастарбајтери. Тоа ги прави ОАЕ центар на христијанската вера на Арапскиот Полуостров, на кој вкупно има околу два милиона христијани.

Со своето патување папата Франциско сака јавноста да стане свесна за шаренилото и раноликоста на животот во ОАЕ, вели Улрих Пенер, раководител на Одделот за светски цркви и миграција во Германската бискупска конференција. За големиот број христијани во Заливот, и пред сѐ во ОАЕ, се знае малку.

Освен тоа, папата сака да го зајакне христијанството во целиот регион, нагласува Пенер за ДВ. „Зашто тоа на Блискиот Исток се исцрпува. Можно е дури по 2000 години да се случи и крај на христијанското присуство во големи делови од тој регион.“

Затоа папата сака да ги зајакне христијанските малцинства и за нив да создаде услови кои ќе им овозможат останување во земјите од регионот.

Црквата Свети Павле во Абу ДабиФотографија: Getty Images/AFP

Христијаните дојдоа со нафтата

Во Обединетите Арапски Емирати тоа присуство не е загрозено. Тамошните христијански заедници имаат релативни слободи. Покрај римско-католичките групи, има и баптисти, англиканци и копти. Нивното присуство датира од раните 1960-ти, време во кое ОАЕ почнаа со големо производство на нафта. Емирот од Абу Даби на американските инженери кои доаѓаа тогаш им дозволи практикување на верата. Во 1960 година е одржана и првата богослужба во Абу Даби. Неколку години подоцна, во присуство на Емирот, беше осветена и првата црква - Сент Џозеф. Во годините кои следуваа беа изградени и други цркви.

Во меѓувреме, околу 90 проценти од жителите на земјата се доселеници. Локалното население е малцинство. Толеранцијата на ОАЕ е начин за постапување со огромниот број миграни, објаснува Улрих Пенер во интервјуто за ДВ. „На тоа мора да се реагира. Може да се одговори или со тотална репресија, како што тоа го прави Саудиска САрабија, или пак со отворање, како што е случај со ОАЕ.“

Шеикот Мохамед Бин Рашид ал Мактум, премиер на ОАЕ и владетел од Дубаи, при носењето на програмата за верска толеранција во 2016 година нагласи: „Толеранцијата е клучен збор на нашите предци и основачи“.

Во Обединетите Американски Емирати живеат околу 800.000 христијаниФотографија: Getty Images/AFP

Граници на слободата

Но верската толеранција во ОАЕ има и свои граници. Мисионерството и преобратувањето се забранети. Кој ќе го прекрши тоа, според информации од американското Министертсво за надворешни работи, можеби нема да биде казнет, но нема да доби продолжување на дозволата за престој во земјата. Освен тоа, крстови и други симболи не смеат да бидат видливи од улица. Откажување од исламот се смета за илегално. Исто така, муслиманки не смеат да се омажат за не-муслимани.

Црквите за повеќето христијани се еден вид духовна оаза, вели Пенер: „Тие се под надзор однадвор, за да се се спречи влез во нив од страна на домашното население или муслимани, кои таму можеби би биле подложени на мисионерство. Но, во внатрешноста на црковниот простор христијаните се многу слободни. Тие може да одржуваат богослужби, да практикуваат социјални и каритативни дејности, како и да вршат образовна дејност - под услов сето тоа да се случува во рамките на заедницата.“

Може ли да се зборува за слобода на вероисповед во ОАЕ? Со ограничувања, одговара Пенер: „Не може да се зборува за слобода каква што си претставуваме - во смисла верниците да можат да практикуваат секаква конфесија.“ Сепак, христијаните уживаат извесни права: „Тие имаат простор во кој можат да ја практикуваат својата вера. Тоа не е ништо.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми