1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историска посета на Рама на Белград

Немања Рујевиќ/БГ10 ноември 2014

Премиерите на Србија и Албанија ќе се сретнат за првпат по речиси 70 години. Очекувањата се големи, но односите меѓу двете земји и двата народи и натаму се тензични.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Атмосферата во Белград и Тирана е далеку поопуштена отколку пред три недели. Се чини дека часот на лутите националисти барем привремено заврши. Тоа отвори можност за реализирање на посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Белград, која во медиумите се оценува како историска, прва по пауза од 68 години. Надежите дека средбата на премиерот Рама и Александар Вучиќ ќе придонесе за приближување на двата народи, ги делат и во Брисел. Германскиот европратеник Дејвид Мекалистер за ДВ вели дека помирувањето мора да ги опфати општествата и народите во целиот регион. Мекалистер, кој во меѓувреме стана известувач за Србија во Европскиот парламент, се надева дека сликите од минатиот месец нема веќе да се повторат. Притоа, секако мисли на инцидентите на прекинатиот фудбалски натпревар меѓу двете фудбалски репрезентации во Белград.

Како и многупати досега во минатото, двете страни се обвинуваа меѓусебно за ескалацијата. „Албанската јавност го игнорираше фактот дека не треба да се штитат симболите на голема Албанија“, смета Александар Секулиќ од белградската Младинска иницијатива за човекови права. „Од друга страна, во Србија, расистичките повици на стадионот и нападите врз Албанците беа оправдувани со прелетувањето на дронот“, вели тој.

Медиумите и политичарите од обете страни, долеваа масло на огнот. Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави дека Албанците генерално се „србомрзци“. Албанскиот премиер Рама одговори дека Србите уште еднаш се покажале како ноторни националисти и расисти.

Косово главен проблем

Во суштина двете држави меѓу себе немаат отворени прашања. Непријателството произлегува од проблемот со Косово. Србија не ја признава независноста на својата некогашна покраина, но, како што велат политичарите во Белград, ја признава реалноста на теренот. Под покровителство на Брисел, Белград и Приштина потпишаа и серија договори за нормализација на односите.

Инцидентот со дронот го прекина фудбалскиот натпревар меѓу Србија и АлбанијаФотографија: Reuters/Marko Djurica

„Последните случувања покажуваат дека потпишаните хартии можат да бидат само добар прв чекор, но во ниту еден случај тие не означуваат крај на процесот на нормализација“, вели Илириана Качанику од Косовската фондација Отворено општество. Од крајот на војната пред 15 години, досега многу се зборуваше, но малку е сторено, вели таа. „Водечките политичари во регионот се неспособни да гледаат во иднината. Со стариот начин на размислување не може да се градат модерни европски држави“, вели Качанику.

Денес во Белград и во Приштина владеат некогашните непријатели: српскиот премиер Вучиќ кон крајот на 1990-те години ги навредуваше Албанците, а како министер за информации ја спроведуваше државната пропаганда. Косовскиот премиер Хашим Тачи беше лидер на Ослободителната војска на Косово (УЧК) која вршеше воени злосторства врз неалбанското население. Обајцата денес се презентираат како проевропски лидери, но не се откажуваат од популистичките пароли. Слични се настапите и на Еди Рама во Албанија. „Националистичката реторика ќе се нуди и натаму, затоа што граѓаните и натаму ја купуваат. А медиумите помагаат во нејзиното пренесување“, вели Качанику.

Српскиот активист Секулиќ смета дека ЕУ-перспективата нема да помогне да се реши проблемот. „Брисел делува како да е задоволен од тоа што Србите и Албанците повеќе не се убиваат меѓусебно“. Но, дополнува тој, импулсите не треба секогаш да се очекуваат однадвор. „Национализмот на Балканот во последните децении предизвика стотици илјади жртви и раселени. Затоа е наша должност, да му се спротивставиме и да се бориме против него“. Но тоа не е лесно, и ќе трае подолго време, вели Секулиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми