За првпат владини претставници од Јужна Кореја во Пјонгјанг се сретнаа со севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун. Тие сакаат да го отворат патот за разговори меѓу САД и Северна Кореја.
Реклама
Како што соопшти претседателскиот кабинет во Сеул, пратениците на јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин во Пјонгјанг биле пречекани на вечера од страна на шефот на државата Ким Јонг Ун. Со тоа за првпат јужнокорејски владини претставници се сретнаа со младиот властодржец во Пјонгјанг. Тие сакаат да го подотворат патот за разговори меѓу претставници на Вашингтон и на Пјонгјанг околу спорната севернокорејска атомска и ракетна програма.
Како Северна Кореја, така и САД веќе изразија подготвеност за разговори. Но американскиот претседател Доналд Трамп спроведува политика на „максимален притисок“ против Северна Кореја и најнапред бара атомско разоружување на режимот во Пјонгјанг. Ким Јонг Ун, наспроти тоа, планира да опстои на својот атомски курс и отфрла какви било предуслови за почеток на разговорите. Покрај тоа, тој остро ги критикува годишните воени маневри на САД и на Јужна Кореја.
Благо намалување на тензиите на Корејскиот полуостров
Десетчлената делегација од Сеул е предводена од советникот за безбедност на претседателот, Чунг Еуи Јонг. Во минатиот месец влијателната сестра на Ким Јонг Ун како негова специјална пратеничка на маргините на Зимските Олимписки Игри во јужнокорејскиот пПјонгчанг му врачи покана на Мун да го посети Пјонгјанг. Тој најнапред реагираше воздржано, со оглед дека мораше да се усогласи со сојузничките САД.
За утре, според јужнокорејски наводи, е закажана уште една средба меѓу десетчлената делегација од Сеул и севернокорејски претставници во Пјонгјанг.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.