Историски ден во Египет
4 август 2011Хосни Мубарак, кој триесет години управуваше со судбината на Египет, сега е исправен пред суд. Или подобро кажано, лежи пред суд. Слабиот и болен поранешен претседател беше внесен на болнички кревет во судницата. Заедно со своите двајца синови, поранешниот министер за внатрешни работи Хабиб ал-Адли и уште неколку началници на безбедносните сили, го проследи отворањето на рочиштето и читањето на обвинението затворен во кафез. Таквата слика не е невообичаена во Египет. Во кафези пред судијата се изнесуваат терористи, но и противници на режимот, припадници на Братството на муслиманите, како и против демократскта опозиција. Сите тие со години беа угнетувани, прогонувани и измачувани од Мубарак и неговите безбедносни сили.
Сега претставници на режимот се оние кои стојат пред судот и пред народот. За многумина е доволно самото тоа што го гледаат Мубарак пред суд. Сепак, во процесот не се работи за одмазда. Станува збор за правдина, правдина за жртвите на револуцијата, кои загинаа или беа повредени од поданиците на Мубарак. Станува збор за правдина за граѓаните, кои со децении беа исклучувани од учеството во политичките процеси и кои поради алчниот за власт и корумпиран претседател долги години беа лишени од благосостојба и светла иднина.
Срамот од судењето пред јавноста ги погодува пред се` Мубарак и неговите синови. Многумина други, кои исто така сносат одговорност и профитираа од режимот на поранешниот диктатор, најверојатно никогаш нема да мора да одговораат пред суд. На пример војската, врз која Мубарак со децении со потпираше и која многу профитира од неговото клептократско владеење. Токму војската сега стои на врвот на државата и никој не може да каже дали ќе биде подготвена да и` ја предаде власта на демократски избраната влада.
Автор: Бетина Маркс
Превод: Трајче Тосев
Редактор: Александра Трајковска