1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историски договор со Иран

ЖА/дпа/ртре/миа24 ноември 2013

Бројни државници од светот го поздравија постигнатиот договор со Иран во Женева околу неговата атомска програма. Израел пак го критикува како „историска грешка“.

Фотографија: Reuters

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун и рускиот претседател Владимир Путин денеска го поздравија нуклеарниот договор со Иран. Бан истакна дека доворот што го постигнаа светските сили со Иран би можел да биде историски за Блискиот Исток.

И претседателот на Русија, Владимир Путин оцени дека договорот „придонел за приближување до решение на еден од најкомплексните проблеми во сегашната меѓународна политика“. Тој нагласи дека Русија е подготвена заедно со своите партнери да продолжи да трага за прифатливи и се‘опфатни решенија на иранскиот проблем.

Иран е задоволен од договорот

Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи и претседателот Хасан Рохани се исто така задоволни од договорот со големите сили за иранската нуклеарна програма којашто, според толкувањето на Техеран, му го признава на Иран правото на збогатување ураниум.

„Треба да му се заблагодариме на преговарачкиот тим за овој успех“, изјави ајатолахот Али Хамнеи. Во писмото упатено до претседателот Хасан Рохани тој додава дека и натаму треба да се дава отпор на прекумерните барања на другите земји во областа на нуклеарната енергија.

Фотографија: Reuters

„Во договорот правото на збогатувањето ураниум на иранската почва е прифатено..., а структурата на санкциите почна да напукнува“, рече Рохани во изјава која беше пренесена на државната телевизија. „Секој може да има сопствена интерпретација, но правото на Иран на збогатувањето ураниум јасно е наведено во текстот“, рече Рохани.

Министерот за надворешни работи на САД, Џон Кери, меѓутоа, им порача на Иранците дека сега треба да покажат оти нивната нуклеарна програма е навистина само за мирољубиви цели.

Нетанјаху ја осуди „историската грешка“ со договорот со Иран

Израел го осуди денеска пак „лошиот договор“ склучен во Женева за иранската нуклеарна програма нарекувајќи го „историска грешка“ и тврдејќи дека Техеран добил „што посакувал“, објави канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Тоа е лош договор кој го нуди точно она што Иран го сакаше: значително ублажување на санкциите и задржување на значителен дел од неговата нуклеарна програма“, се наведува во соопштението објавено неколку часа по заклучувањето на историскиот договор меѓу шесте светски сили и Иран по десетгодишните преговори за неговите контроверзни нуклеарни амбиции.

Во соопштението се нагласува дека договорот му овозможува на Иран да продолжи, меѓу другото, со збогатувањето на ураниум и да ги задржи центрифугите потребни за тој процес.

„Договорот не доведе до затворање на централата во Арака (реактор со тешка вода во северен Ирак во кој може да биде произведуван и плутониум –з.р.). Економскиот притисок на кој е подложен Иран можеше да доведе до подобар договор кој би овозможил онеспособување на иранските нуклеарни капацитети“, се истакнува во соопштението на Нетанјаху.

Хејг: Договорот со Иран е добар за целиот свет

Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг напротив смета дека договорот што меѓународните сили го постигнаа со Иран за неговата нуклеарна програма, е добар за целиот свет.

„Значајно е да се охрабри она што сега го постигнавме со Иран“, рече Хејг, објаснувајќи дека во следните шест месеци иранската нуклеарна програма не ќе може да продолжи, како и оти во некои свои сегменти таа ќе биде и уназадена. Според шефот на британскиот Форин офис, станува збор за значаен момент што ќе ги охрабри односите на Западот и меѓународната заедница со Иран, но и за настојувањето да не продолжи ширењето на нуклеарното оружје во светот.

„Преговороте беа тешки, но од утре почнува тешката работа за имплементација на договорот од Женева и за постигнувањето спогодба со Иран“, посочи Хејг.

Договорот го поздрави претходно и претседателот на САД, Барак Обама, како и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле.

Иран и шесте големите сили, петте постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција плус Германија, постигнаа денеска рано изутрината во Женева договор за иранската нуклеарна програма, а за возврат на Техеран ќе му бидат ублажени санкциите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми