1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историски самит во Панама

Миодраг Сориќ/бг10 април 2015

Седмиот самит на американските држави ќе биде различен од претходните. Имено, на него за првпат учествува и делегацијата на Куба предводена од Раул Кастро. Тоа е резултат на подобрувањето на односите меѓу Куба и САД

Panama USA Kuba Treffen Außenminister John Kerry und Bruno Rodríguez in Panama City
Фотографија: Reuters/U.S. State Department

„Куба повеќе не е она што беше во текот на Студената војна - продолжена рака на Советскиот сојуз. Поради тоа, денес веќе не важи она што важеше вчера“, вели Карл И. Мичам од конзервативниот Центар за стратегиски и меѓународни студии. Американскиот претседател Барак Обама добро знае дека Куба денес одвај добива по малку помош од Русија, а владата во Хавана зависи од испораките на нафта од Венецуела - држава која и самата е во големи проблеми поради падот на цените, но и сопствените грешки во стопанската политика.
Подобрувањето на односите меѓу Куба и САД не може да му се припише само на претседателот Обама, кој на тоа гледа како на политички проект по кој ќе остане запаметен. „Постои консензус во целиот дипломатски естаблишмент во САД дека на тој начин побрзо ќе се 'ослободат' од кубанската влада. Сосема друга приказна е дали тоа на крајот и ќе се случи“, вели Марк Вајсброт од левичарскиот Центар за економски и политички истражувања.
Средба на претседателите на САД и Куба засега не е планирана, пренесува Белата куќа, но во рамките на состаноците во текот на Самитот на американските држави во Панама, ќе има можности да разговараат. Владите во Хавана и Вашингтон во декември 2014 година договорија да ги обноват дипломатските односи. Во Вашингтон може да се слушне дека преговорите за тоа се покажале потешки од очекувањата. Куба бара од САД да ја тргнат од списокот на земји кои го поддржуваат тероризмот. Хавана се надева дека така ќе добие и економски отстапки.

Куба бескомпромисна за човековите права

Барак Обама и Раул КастроФотографија: picture-alliance/dpa/Michael Nelson/Alejandro Ernesto

Се чини дека владата во Вашингтон е подготвена да и’ излезе во пресрет во однос на тоа барање, а за возврат очекува отстапки во однос на почитувањето на човековите права. Но тука наидува на непремостлива пречка. Повеќе кубански опозиционери, кои добија покани да учествуваат на претстојниот самит, не добија дозвола да ја напуштат земјата. Само во март, кубанската полиција уапси стотици опозиционери. Политичарите од Вашингтон сигурно ќе говорат на таа тема на претстојниот собир во рамките на Форумот за цивилното општество.
Администрацијата на Обама очекува пофалби за својата политика кон Куба, како и за најавите на Вашингтон дека во Куба ќе стави на располагање милијарди долари за да се отвори можност за подобра соработка со земјите од Средна Америка во областите на економијата и енергетиката. Одлуката на Обама да им овозможи стекнување на легален престој на милиони илегални работници во САД, сигурно е добро прифатена во многу главни градови во државите од Средна и Јужна Америка.

Санкции против Венецуела

Еден месец пред самитот, САД, поради кршење на човековите права, воведоа санкции против членови на владата на Венецуела. Претседателот Николас Мадуро оттогаш не престанува да зборува за „американска агресија“. Така тој се обидува да го оттргне вниманието од катастрофалната состојба на економијата во неговата земја. Куба, Еквадор и Боливија му искажаа солидарност на Мадуро. На самитот САД внимателно ќе следат кои други држави ќе одат нивниот пример.

Според Карл И. Мичам, одлуката на Обама е оправдана. „Санкциите се воведени против седум важни личности во владата на Венецуела и тоа поради кршење на човековите права до кои дојде во текот на протестите во февруари 2014 година. Нивните сметки во странство се замрзнати и откажани им се визите за САД“, вели Мичам.

Да се намали влијанието на Кина

Од гледна точка на Вашингтон, ќе биде важно да се разговара и за се’ поголемото влијание на Кина врз земјите од Јужна Америка. САД сакаат да го намалат тоа влијание и сметаат дека сега е вистинскиот момент. Имено, кинеското стопанство во изминатиот период бележи побавен пораст, додека американското стопанство е на почеток на фаза на нов пораст. Повеќе латиноамерикански држави сакаат да профитираат од тоа - меѓу нив и Бразил, околу кој Вашингтон „особено се труди“. Обама на крајот на самитот ќе најави и нови иницијативи: од борба против трговијата со дрога, преку соработка во енергетската политика, па до соработка на полето на заштита на климата. Отворено прашање е дали тоа ќе биде доволно за на крајот на самитот да се потпише и заеднички завршен документ. На минатите два самита, кои беа одржани во 2009 и 2012 година, до тоа не дојде, бидејќи позициите беа многу различни.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми