1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Источна Европа против Сорос

СН/ печат
30 јануари 2017

Десничарските влади во источна Европа, меѓу нив и Македонија, имаат нов државен непријател: милијардерот Џорџ Сорос. Бидејќи поддржува граѓански организации, тој е масовно напаѓан, некаде и антисемитски.

George Soros Stiftung
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Balce Ceneta

Германскиот неделник Шпигел во текстот со наслов „Милијардер и провокатор“ се осврнува на актуелните валкани кампањи на властодржците во повеќе земји од источна и југоисточна Европа против американскиот милијардер Џорџ Сорос и „неговите“ невладини организации.

Текстот започнува со потсетување на следнава изјава на 86-годишниот Сорос дадена на Светскиот економски форум во Давос: „Обидите на унгарската влада да го озлогласи граѓанското општество се вознемирувачки и неприфатливи“.  Во статијата потоа се вели: „Обично Сорос реагира опуштено, кога популисти и автократи секогаш одново го критикуваат и навредуваат. Но кога филантропот неодамна во Давос ја даваше оваа изјава ,звучеше алармирано, говореше за 'многу сериозна опасност'.

Повод за неговите зборови беше новата офанзива на унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес против невладините организации и посебно против оние финансирани од Соросовата 'Фондација отворено општество'. Орбан, некогаш и самиот стипендист на Сорос, повика 2017 да биде година на ‚национален бунт' во која 'Сорос и силите кои го симбилозираат него“  треба да бидат 'истерани' од Унгарија. Претставник на Фидес пак неодамна се закани дека земјата ќе ја 'исчисти' од невладините организации и најави закон кој засилено ќе го контролира невладиниот сектор...“, пишува Шпигел, кој натаму забележува дека сличен развој на ситуацијата може да се набљудува и во други источноевропски земји:

Виктор ОрбанФотографија: picture-alliance/dpa/D. Savic

„Во Македонија во моментов не минува ни ден, а де-факто властодржецот Никола Груевски да не грми против невладините организации, Сорос и неговите 'македонски потрчковци'. Така тој јавно го нарекува и раководството на Специјалното обвинителство, кое во моментов спроведува истрага за корупција и злоупотреба на функцијата во бројни случаи, меѓу другото и против него. Во минатата недела основаната граѓанска алијанса 'Стоп за операцијата Сорос' како цел си постави 'десоросоизација' на Македонија.

Во Србија владата на премиерот Александар Вучиќ, соработниците на невладините и независните тинк-тенк организации преку телевизијата 'Пинк' редовно ги означува како 'антисрпски' и 'антинационални'. Во минатата недела таков беше случајот со директорката на беглградскиот Центар за евро-атлантски студии, Јелена Милиќ, која и без тоа постојано може да се види на насловните страници на провладиниот печат со етикетата 'платеничка на Сорос'.

Никола ГруевскиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Во Романија од милјето на актуелното социјал-либерално- националистичко парламентарно мнозинство за време на изборната кампања во декември минатата година беше проширена 'веста' дека тогашниот привремен премиер Дачијан Чолос е нелегитимен син на Сорос. Гласините се проширија толку бргу, што Чолос беше принуден да објави демант. Притоа лажната вест беше само дел од грозоморната шовинистичко-ксенофобна изборна кампања на партиската алијанса ПСД-АЛДЕ против сѐ наводно 'нероманско-туѓо'...“, пишува во статијата на неделникот во која натаму се истакнува дека за постапувањето против невладините организации и против Сорос источноевропските властодржци имаат важни причини.

„Берзанскиот милијардер со стотици милиони долари ги поддржа невладините организации и граѓанските иницијативи за демократизација на источна Европа. Не само поради тоа, НВО секторот денес во многу земји од регионот е еден од ретките цврсти столбови на контролата на власта. Често невладините организации се единствените институции кои веродостојно и темелно документираат повреди на правата, корупција и социјални неправилности...

Кога премиерите како Вучиќ, Орбан или Груевски водат кампањи против невладините организации и Сорос, тогаш тие посегнуваат и по една позната нарација: оној за странскиот и посебно еврејскиот светски заговор против татковината, народот и националните интереси. Соросовата биографија како унгарски Евреј, преживеан во Холохаустот, емигрант и енормно богат берзански шпекулант е особено соодветна за тоа“, заклучува авторот на текстот во германскиот неделник Шпигел.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми