1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со советски шлагери на избори

Ина Купријанова / Елизабета М. Фиданоска2 ноември 2014

Избори во сампрогласената „Доњецка Народна Република“. Учествуваат само сепаратистичките групи. Кандидатите се главно непознати луѓе. Поддршка има од познати личности од Русија.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Полна сала и огромен аплауз. Така публиката во операта во Доњецк го проследи настапот на Јосиф Кобзон. Тој настапи заедно со пејачкиот и танц-ансамблот на руското Министерство за внатрешни работи и повикува на учество на денешните (2.11) „избори“ за парламентот во самопрогласената „Доњецка Народна Република“. На крајот на својот концерт тој на бината го повика стариот мајстор на советските шлагери, „премиерот“ на „народната република“, Александар Захарченко, кој долета во Доњецк од Москва.

Кобсон уште пред две години имаше сличен настап во Доњецк. Тогаш заедно со поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, кој во меѓувреме избега во Русија, ја пееше песната „Мојата мајка Украина, мојот татко Донбас“. Градот на истокот на Украина беше неговото политичко упориште. Но во меѓувреме Доњецк, исто како и Луганск, се отцепи од Украина под притисок на сепаратистите и платениците од Русија. Песната „Мајка Украина“ Кобсон веќе не ја пее. Секојдневието и животот во Доњецк го диктира не музиката, туку војната и политиката.

Рускиот пејач Јосиф Кобзон одржа концерт за време на кампањатаФотографија: Inna Kuprijanova

Сепаратистите во Доњецк и во соседниот регион Луганск имаат намера со изборите да му стават печат на отцепувањето од Украина. „Стилот на оваа изборна кампања потсетуваше на Партијата на регионите која тогаш владееше во Украина“, вели Сергеј, кој живее во Доњецк. „Но противникот денес не е политичкиот конкурент, туку државата Украина“, оценува тој.

Кој стои зад Захарченко?

„Изборната комисија“ на самопрогласената „Доњецка Народна Република“ има регистрирано тројца кандидати за функцијата премиер. Најпознат е Захарченко, кој дури неодамна почна да настапува политички. Во меѓувреме, го има на секое издание на вестите на локалната телевизија. На повеќето плакати исто така стои неговото име. Украинските медиуми претпоставуваат дека зад огромните реклами за досега непознатиот човек би можел да стои олигархот од Доњецк, Ринат Ахметов, кој порано важеше за „кум“ на Донбас. Но со бегството на Јанукович тој го загуби политичкото влијание. Украинскиот магазин „Инсајдер“ пишува дека Захарченко порано бил близок на холдингот на Ахметов „System Capital Management“ (СЦМ), како и на пратеници од Партијата на регионите. Сепак, СЦМ негира дека Захарченко работел некогаш за нив.

Другите двајца кандидати за функцијата премиер на самопрогласената „Доњецка Народна Република“ се Јури Зивоконенко и Александар Кофман. За нив се знае само дека се пратеници во парламентот на самопрогласената република.

Парламентарни избори со две здруженија

Парламентот на „Доњецка Народна Република“ во иднина би требало да брои 100 пратеници. На изборите настапуваат само две „општествени движења“ - „Доњецка Република“ и „Слободен Донбас“. Двете групи се залагаат за отцепување од Киев.

Со „Доњецка Република“ раководи Андреј Пургин, еден од лидерите на сепаратистите. Групата постои од 2005 година и од страна на Киев беше забранета како сепаратистичка организација. На врвот на изборната листа се наоѓаат Захарченко, Пургин и Денис Пушилин, кој повремено се појавува во Доњецк, а потоа повторно исчезнува во Москва. Движењето „Слободен Донбас“ е основано на почетокот на минатиот месец од членови на парламентот на самопрогласената република.

Фотографија: Inna Kuprijanova

Имињата на членовите на двете движења не им значат многу на повеќето луѓе во Донбас. „Сите овие луѓе ја презедоа власта со оружје, нас не не‘ прашаа. Едноставно дојдоа и се‘ си присвоија. Сега овие непознати луѓе сакаат да држат избори. Со тоа сакаат само да покажат дека ние наводно им веруваме. Но притоа нема дури ни противкандидати“, вели Марина од Доњецк, која одбива да гласа.

Можности за манипулација

Колку луѓе сакаат да го дадат својот глас на изборите во самопрогласената „Доњецка Народна Република“ е непознато, со оглед на тоа што нема доверливи истражувања на јавното мислење. Вкупно се испечатени 3.198.000 гласачки ливчиња. Наводно толку луѓе учествувале на спорниот референдум на 11 мај годинава. На тоа гласање, кое не е признато во меѓународни рамки, според наводи од Доњецк, мнозинството граѓани се изјасниле за независност на регионот.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Манипулации не можат да се исклучат и на овие избори. Може да се гласа и по електронски пат. Тоа нуди уште повеќе можности за фалсификати. На социјалните мрежи се води жестока дискусија околу ова. Досега само Русија најави дека ќе ги признае изборите во самопрогласената „Доњецка Народна Република“. Украинскиот претседател Петро Порошенко, како и претставници на меѓународната заедница, зборуваат за „псевдо избори“. Тие повикуваат на придружување до договорот склучен во Минск со сепаратистите и Русија, а со посредство на ОБСЕ. Според тој договор, во регионот треба да се одржат локални избори според украинските закони. Парламентот во Киев закажа такви избори за 7 декември. Со тоа одредени општини во Донбас би требало да добијат специјален статус.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми