1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истрагата за трговијата со органи на Косово да биде веродостојна

8 февруари 2011

Хјуман Рајтс Воч бара независна истрага за наводната трговија со човечки органи на Косово. Истрагата би требало да ја води посебен тим со доволно политичка моќ за нејзино успешно спроведување и за заштита на сведоците.

Една од водечките независни светски организации за заштита на човековите права повикува во рамките на мисијата на ЕУ на Косово, ЕУЛЕКС и надвор од неа да се формира посебна единица чија единствена задача би била да се испитаат наводите за киднапирањата и илегалната трговија со органи на Косово и во Албанија.

„Ние бараме истрага која е заштитена од политички влијанија, која има функционална програма на заштита на сведоците и на сите оние кои ќе обезбедат информации при нејзиното спроведување. Овој тим би требало да го водат истражители од висок ранг кои поседуваат и овластувања и моќ да дојдат до потребните информации“, изјави за Дојче Веле, Аманда Мек Ре од седиштето на Хјуман Рајтс Воч во Њујорк.

Специјална истражна единица, со седиште надвор од Косово

Мисијата на ЕУ на Косово е повикана да формира специјална единица за истрага на наводите за трговија со органи

Оваа организација уште во 2009 година објави дека располага со информации кои укажуваат дека најмалку 400 лица биле префрлени од Косово во Албанија и потоа им се губи секаква трага. Тогаш беше нагласено дека овој случај е особено важен, бидејќи до наводната трговија со органи дошло по воспоставувањето на меѓународното присуство на Косово. Иако вели дека од ЕУЛЕКС досега не добиле информации за резултатите од истрагата на ваквите тврдења, Аманда Мек Ре смета дека ЕУЛЕКС би можел да спроведе нова истрага под нови услови:

„Ако ЕУЛЕКС спроведе истрага, тогаш сакаме да видиме посебна единица за тоа. Мислам дека би било најдобро нејзиното седиште да биде надвор од Косово. Таа првенствено би требала да обезбеди одлична заштита на сведоците и да склучи договори со други земји, каде поединците на кои им е потребна заштита би можеле да отидат и да живеат додека трае процесот. Истовремено на чело на таа единица би морал да застане човек со висока функција“, објаснува претставничката на Хјуман Рајтс Воч.

Што е можно побргу до правдата

Во оваа организација велат дека во намерата да се обезбеди веродостојна истрага веќе разговараат со претставници на Германија, Велика Британија, Франција и на ЕУ. Досега нема конкретни предлози со имиња на поединците кои би можеле да се најдат во тој тим, но затоа има конкретни цели, вели Мек Ре:

„Очекуваме сега посебно ЕУЛЕКС да го поттурне тоа прашање и да формира одделение во своите редови или да побара истрага од страна, и тоа што е можно побргу, бидејќи обвинувањата се неверојатно сериозни. Луѓето чекаат правда околу ова прашање веќе подолго време и се надевам дека и ЕУЛЕКС и другите ќе го сфатат тоа многу сериозно“.

Автор: Марина Максимовиќ/ Недевски Симе

Редактор: Горан Чутановски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми