Истрајноста на уништувачите на хемиското оружје
11 октомври 2013Со седиште во Хаг, Холандија, Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЗХО) е формирана во 1997 година со цел да ја спроведува Конвенцијата за хемиското оружје, првиот меѓународен договор со кој се забранува комплетниот арсенал на вакви орудија.
„Конвенцијата и работата на ОЗХО ја дефинираа употребата на хемиското оружје како табу согласно меѓународното право. Последните случувања во Сирија, каде беше користено хемиско оружје, ја подвлекоа потребата од зголемување на напорите за исфрлање на ова оружје“, соопшти Нобеловиот комитет.
Организацијата има 189 земји-членки, а денешната награда доаѓа неколку дена пред зачленувањето на Сирија во неа (најавено за в понеделник 14.10.), и во период кога инспекторите се наоѓаат во високо ризична операција под протекторат на ОН во Сирија.
Доделувајќи ја наградата на, во голема мерка, невидливата организација, Нобеловиот комитет пронајде начин како да го апострофира сирискиот конфликт без притоа да заземе страна во него.
Во минатото земји како Албанија, Индија, Ирак, Либија, Русија и САД, како и една држава која од страна на организацијата се нарекува „држава-членка“, а за која се верува дека е Јужна Кореја, пријавија големи резерви хемиско оружје, и веќе го уништија, или се во процес на уништување.
Макотрпна работа
Но, комитетот забележа дека некои земји не ги почитуваат договорените рокови.
„Тие особено се однесува на Русија и САД“, рече претседателот на Нобеловиот комитет Торбјорн Јагланд.
Од почетокот на својата работа во 1997. организацијата го надгледувала уништувањето на околу 57 илјади метрички тони хемиско оружје, повеќето во сопственост на САД и Русија.
„Се работи за бавно местење на циглите со недели, месеци и години. Луѓето седат во нивните контролни соби и следат како оружјето испарува низ оџаците. Се работи за нашата истрајност, без фанфари... се работи за бавна исцрпувачка работа за која се надеваме дека со годините повеќе ќе се цени“, вели портпаролот на ОЗХО, Мајкл Лухан.
Хемиското оружје за првпат беше употребено за време на Првата светска војна. По речиси 20 години преговори, Конвенцијата за хемиското оружје беше донесена во Париз во 1993 година, а влезе во сила во април 1997. Почетниот план беше да се елиминира хемиското оружје во светот до 2007 година.
Договорот досега го потпишаа 189 земји, кои опфаќаат околу 98 проценти од светското население. Израел и Мјанмар го потпишаа но го немаат ратификувано, додека Ангола, Египет, Северна Кореја и Јужен Судан, воопшто не го потпишале.