1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Најголемите европски криминални банди

Бенџамин Најт
6 декември 2018

Организираниот криминал е активен низ цела Европа, а се проценува дека овие групации генерираат профит од околу 100 милијарди евра секоја година. Ова е листата на најпознатите криминални организации

Spanien Barcelona - Polizei konfiszieren Gegenstände nach mehreren Festnahmen mutmaßlicher Mafia-Mitglieder
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Lago

Според Европската унија, постојат околу 5.000 мрежи на организиран криминал кои оперираат во сите 28 земји-членки - и притоа имаат значителен ефект врз економијата на ЕУ. Извештај од 2016 година на италијанската организација за истражување на криминалот - Транскрајм, откри дека илегалните пазари генерираат околу 110 милијарди евра годишно, што е околу 1 отсто од БДП на Европската унија.
Најголемиот дел од овој приход (околу 28 милијарди евра годишно) доаѓаат од трговијата со дрога и даночни измами - особено преку данокот на додадена вредност - кој станува сѐ поголем извор на приход. Другите поголеми активности вклучуваат трговија со луѓе (за секс или експлоатација), фалсификување, и трговија со оружје и цигари.

Голем дел од овие пари се перат преку легитимни бизниси, особено во јужна Италија, каде организираниот криминал има најдлабоки корени, како и преку клучните пристаништа и гранични региони на ЕУ.

Италијанската мафија

Трите најголеми италијански мафијашки мрежи се 'Ндрангета со седиште во покраината Калабрија; Камора од Кампања, и Коза Ностра од Сицилија. Токму 'Ндрангета, која се смета за една од најбогатите и најмоќни криминални организации во светот, беше во фокусот на повеќе рации во Италија, Германија, Холандија, Шпанија и Белгија на 5 декември годинава. Сознанијата велат дека оваа мафија е активна и во Северна и Јужна Америка.

Секоја од овие мрежи се состои од повеќе фамилии кои контролираат огромен имот: во 2007, италијанските власти проценуваа дека само 'Ндрангета има годишен профит меѓу 35 и 40 милијарди евра, иако најголемиот дел од парите доаѓаат од инвестиции во легални бизниси, како градежништво и ресторани. Се смета дека мафијата има силно влијание врз регионалните влади во Италија. Обвиненијата најчесто тешко се докажуваат поради влијанието на фамилиите врз локалните судови и фактот дека водечките судии често избегнуваат да работат во региони кои се контролирани од мафијата.

Турски групи

Мрежи со седиште во Турција се активни низ цела Европа, особено во земји со голема дијаспора како Германија, Холандија и Обединетото Кралство. Тие се вмешани во трговија со дрога, особено хероин, интерес кој често ги поврзува со бугарските криминални мрежи. Останатите бизниси вклучуваат нелегално обложување, проституција, трговија со луѓе и изнуда.

Една од најголемите турско-кипарски фамилии се Ариф, кои се преселија во подземјето на Лондон по падот на познатите банди како Фирмата на близнаците Креј во 1960-те.

Кланови во Германија

Неколку организации произлегуваат од арапските заедници во Германија, дел од кои вклучуваат бегалци од Палестина и од војната во Либан во 1980-те. Најпознатите фамилии со седиште во Берлин, Бремен, Северна Рајна Вестфалија и Долна Саксонија се наречени Абу-Чакер, Ал-Зеин, Реммо и Мири. Полицијата вели дека во земјата се активни околу 50 фамилии.

Германските арапски кланови беа инспирација и за ТВ серииФотографија: picture-alliance/dpa/Handout/2017 Turner Broadcasting System Europe Limited & Wiedemann & Berg Television GmbH & Co.

Секоја од групите, често наречени кланови, имаат по неколку илјади членови, и главните активности им се трговија со дрога, проституција, рекет и кражби. Едно неодамнешно убиство поврзано со клановите во Берлин привлече големо внимание во германските медиуми. Се верува дека некои кланови имаат врски и со шоу-бизнисот.

Албански банди

Мрежи со корени во Албанија има низ Европа, Северна Америка, Јужна Америка и Австралија. Тие најчесто тргуваат со дрога, оружје и луѓе- или нивни органи. Се смета дека само во Албанија има 15 фамилии, но нивниот број е поголем во заедниците на дијаспората.
Албанските групи се сметаат за високо „традиционални“ со силни врски на база на семејство, чест и лојалност. Најчесто се распространети низ целиот свет со по неколку илјади членови.

Руски мрежи

Групите кои потекнуваат од Русија најчесто се повеќе децентрализиран од другите. Мрежите имаат голема улога во шверцот на хероин од Авганистан. Се проценува дека околу 12 отсто од светскиот хероин завршува во Русија.

Се смета дека само една таква руска организација е активна во Германија: Групата Самаровскаја, која најчесто оперира во Берлин и Келн и е организирана во келии, слично како и терористичка организација. Осомничениот водач, Леонид Замаров беше уапсен во Берлин во 2013 година. За време на рациите, германската полиција откри пушки, гранати, па дури и пешадиски мини.

Хелс Ејнџелс, Бандидос

Моторџиските, или „рокерски“, организации како Хелс Ејнџелс (Ангели на пеколот) се активни во Германија најмалку од 1970-те години. Иако самите не се сметаат за криминални организации, многу членови се вмешани во проституција и трговија со оружје и дрога. Во неколку наврати Хелс Ејнџелс и Бандидос влегуваа во крвави меѓусебни конфликти.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми