1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИталија

Италијанскиот премиер Драги издејствува оставка

Штефан Штикелман
21 јули 2022

Второто барање на италијанскиот премиер Марио Драги за оставка на функцијата е прифатено од страна на претседателот Матарела. Сепак, Драги ќе мора да остане на функција како вршител на долќност уште извесно време.

Italien I Der italienische Ministerpräsident Mario Draghi beim Präsident Sergio Mattarella
Италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерот Марио Драги во Рим, 21.07.2022Фотографија: Paolo Gia/Quirinale Press Office/ZUMA Wire/IMAGO

Италијанскиот претседател Серџо Матарела ја прифати оставката на премиерот Марио Драги. Владата, меѓутоа, засега ќе остане на функцијата за извршување на тековните работи. Драги претходно ја објави намерата за оставка во парламентот. Пред изјавата тој доби долг аплауз од пратениците. Многу пратеници аплаудираа стоејќи, а шефот на владата им се заблагодари на парламентарците со „грацие“.

Матарела сега мора да одлучи дали ќе го распушти парламентот, отворајќи го патот за предвремени избори или ќе бара експерт или политичар кој би формирал ново владејачко мнозинство од постојниот парламент.

Стоечки аплауз за Марио Драги во парламентотФотографија: Andrew Medichini/AP/picture alliance

Постројка за согорување отпад како камен на сопнување

Владината криза беше предизвикана откако Движењето пет ѕвезди ѝ откажа доверба на владата на поранешниот шеф на Европската централна банка (ЕЦБ), кој не припаѓа на ниту една партија. На гласањето пред една недела, оваа централно-левичарска партија, која е дел од владеачката коалиција, одби да му даде доверба на Драги поради несогласувањата околу пакетот помош и изградбата на фабрика за согорување отпад во Рим, предизвикувајќи на тој начин ескалација на владината криза. Драги потоа поднесе оставка до претседателот Матарела. Тој, меѓутоа, го отфрли барањето на Драги и наместо тоа му наложи дебата во Сенатот.

Во средата (20.07) Драги ја доби довербата од Сенатот со 95 гласови „за“ и 38 „против“. Но, воздржаните значеа дека не се исполни желбата на 74-годишникот за поддршка од широкото парламентарно мнозинство.

Џузепе Конте: Немаше никакви услови под кои можевме да продолжиме со лојална соработкаФотографија: Davide Pischettola/NurPhoto/IMAGO

Реакции - од шокираност до воодушевеност

Италијанските политичари реагираа со шокираност, огорченост, но кај некои има и задоволство. „Веќе немаше никакви услови под кои можевме да продолжиме со лојална соработка“, рече лидерот на Движењето пет ѕвезди, Џузепе Конте.

„Да се ​​собори владата на Драги значи да се биде против Италија и против интересите на Италијанците“, изјави Енрико Лета, шеф на владеачката Социјалдемократска партија (ПД). Министерот за надворешни работи Луиџи Ди Мајо, од партијата Заедно за иднината, рече дека иднината на Италијанците е прокоцкана.

- повеќе: Оставката на Марио Драги би била катастрофа за Европа

Шефот на Лега, Матео Салвини, за падот на Драги ги обвини партиите на левиот центар во владата: „Драги и Италија станаа жртви на лудилото на Петте ѕвезди и игрите на моќ на ПД, кои траат со денови“. Шефицата на десноекстремната партија Браќата на Италија, Џорџија Мелони, изрази задоволство: „Доколку сѐ биде добро, ќе може да се избира во рок од два месеца, подготвени сме“, изјави таа.

Партијата на Џорџија Мелони во моментов води во анкетитеФотографија: Cecilia Fabiano/LaPresse/Zuma/picture alliance

Според анкетите, следните парламентарни избори би можеле значително да го променат политичкиот пејзаж во државата. Партијата на Мелони моментално е во водство. Заедно со десничарската Лега и конзервативната Форца Италија, централно-десничарскиот блок би можел да обедини голем број гласови и, на крајот, можеби да има дури и парламентарно мнозинство.

Финансиските пазари претпладнево реагираа нервозно на заканувачката политичка нестабилност во Италија. Берзата во Милано во меѓувреме е 2% во минус. Кредитниот ризик за десетгодишните италијански обврзници се зголеми значително во споредба со германските обврзници. Високо задолжената Италија би можела да стане опасност за ЕУ и еврото, кое би можело да се најде под притисок.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми