Италијанците се откажуваат од својата традиционална кујна
9 септември 2013Самите состојки отвораат апетит: маслиново масло, свеж зеленчук, риба, свежи тестенини, релативно малку месо и се разбира - вино. Медитеранската кујна со години важи како поим за здрав начин на исхрана, со кој се намалува ризикот од срцеви болести и дебелеење, додека на пример дијабетичарите (тип 2) со оваа кујна можат да ја намалат висината на шеќерот во крвта. Најновите истражувања објавени на шпанскиот универзитет во Наваро ги потврдија овие стари знаења, а донесоа и некои нови. На пример, со медитеранската кујна се зајакнува и работата на мозокот, така што се препорачува и за пациентите заболени од деменција. Исто така, кој сака да ја спречи појавата на оваа болест во староста, нему му се препорачува веќе на млади години да се храни повеќе со риба и шпагети, отколку со храна во која нема масти - како што се мислеше донеодамна.
Други времиња, друг обичај, друг начин на исхрана
Иако Италијанците се првиот народ на кој се помислува кога станува збор за медитеранската кујна, во последно време, како што се чини, ни тие веќе не се тоа што некогаш беа. Имено, начинот на исхрана на современите Италијанци (пред се` на младите генерации) се` помалку се разликува од начинот на исхрана на останатите граѓани во индустриските земји.
Некогаш Италијанците, на пример, беа познати по тричасовната пладневна пауза. Жените готвеа секој ден свежи, здрави оброци, а по оброкот следувала по правило, сиеста (дремка, н.з.). „Некогаш се случувало, сега само се споменува...“ Начинот на исхрана се промени затоа што се промени начинот на живот. Модерниот човек живее под постојан притисок и Италијанците се во постојано брзање, стоејќи, или на компјутер, немаат веќе време да одат дома на ручек“, вели Џулијо Маркезини, професор по нутриционизам и раководител на одделот за истражување на болестите предизвикани од исхрана на Универзитетската клиника во Болоња. Тој додава дека Италијанците се` повеќе посегаат по готови, индустриски оброци.
Нема веќе примери
Италија моментално поминува низ фаза која се карактеризира со епидемиско ширење на дебелеењето како и појавата на дијабетес тип 2. „Освен тоа, се наоѓаме на самиот врв на листата на европски земји кога се во прашање деца со прекумерна тежина. И тоа е навистина загрижувачко, бидејќи децата кои во детството веќе почнуваат да ја накачуваат тежината, ја задржуваат и како возрасни. Тоа е сто отсто така“, вели Маркезини.
Повеќето Италијанци и денес конзумираат многу маслиново масло, тестенини и зеленчук, но мал број луѓе го познаваат вистинскиот, здрав однос во кој треба да се комбинираат овие состојки за да бидат здрави. Освен тоа, Италијанците секојдневно конзумираат и сирење, шунка и салама. На север, се` повеќе се јаде месо, посебно свинско и говедско - што претходно не беше случај.
Здравствени предности
Истражувањата во последните десет години јасно покажуваат дека медитеранската кујна не е само здрава сама по себе, туку спречува и многу болести. Тоа се на пример, Алцхајмеровата болест, Паркинсоновата болест, срцеви заболувања, па дури и заболување од рак. Медитеранската кујна го снижува и нивото на шеќер во крвта. Но, тоа што експертите посебно ги изненадува е фактот дека со овој начин на исхрана побрзо и полесно се губат вишокот килограми отколку што е тоа случај со разните диети во кои бројот на калории е снижен на минимум.
Освен овие здравствени, Маркезини ја споменува и еколошката вредност на оваа кујна, со оглед на тоа што се користи помалку месо. Поради тоа, тој и неговите колеги прават се` за медитеранската кујна, односно како што вели „медитеранскиот модел“, да ја вратат повторно на местото како што беше некогаш. „Ние нашите пациенти не ги праќаме дома само со пропишана диета, туку им пружаме и совети по прашање на здрав начин на исхрана. Освен тоа, и нашите спортски тренери, како и психолозите, им помагаат за да го променат начинот на живот“, вели Маркезини.
Што се однесува до исхраната, на своите пациенти во секој случај може да им послужи како пример - тој јаде многу зеленчук и овошје и секој ден на работа доаѓа со велосипед. „Без оглед какво е времето...“, вели Маркезини со насмевка.