Италијанците штедат на патувања
16 август 2012Плажата на Остија. Овде и во кризни времиња е полно со луѓе, оти главниот град Рим е во близина. За Римјани е евтин излет на плажа. Од избувнувањето на кризата Италијанците ги напушти желбата за големи патувања. За најголемиот дел од нив тоа едноставно е прескапо.
„За среќа, живеам во Остија, па можам одморот да го поминам овде. Во моментов нема шанса да патувам некаде“, вели еден Италијанец.
„Најголем дел од моите пријатели годинава воопшто не патуваат на годишен одмор, туку остануваат во Рим, оти сите ја чувствуваме кризава“, дополнува друг.
Прометот во туристичката бранша во Италија летово опадна за речиси една четвртина. Тоа е најголем пад во историјата на туризмот во Италија, оти ни странските туристи не можат да го компензират отсуството на домашните, се жали здружението на хотелиерите.
„Се’ повеќе и повеќе луѓе прават само викенд-одмор, два-три дена и се враќаат. Тие сакаат да заштедат пари. Тоа е, се разбира, последица на кризата“, објаснува Пјеро Гнуди, министер за туризам во Италија.
Владата во Рим веќе е соочена со првите повици за помош за оваа бранша, која со песимизам гледа и на остатокот од сезоната.