1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија во шок по катастрофалниот земјотрес

СН/дв/ртр/дпа25 август 2016

Најмалку 247 загинати и преку 350 повредени. По катастрофалниот земјотрес во централна Италија бројот на жртвите и натаму расте. Спасувачките екипи без престан трагаат по преживеани во урнатините.

Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Секогаш одново италијанските власти мораа да го коригираат нагоре бројот на жртвите кои загинаа или се повредени во тешкиот земјотрес.

Во меѓувреме италијанската служба за цивилна заштита говори за најмалку 247 загинати. Претходно беше соопштена бројка од 159 загинати. Италијанскиот премиер Матео Ренци претходно при посетата на погодените подрачја изјави „Овој биланс не е конечен“

И натаму како исчезнати се водат 100 луѓе. Шансите тие да бидат пронајдени живи се намалуваат од час во час. И во текот на целата ноќ пожарникари и доброволци со голи раце ги расчистуваа разурнатите куќи во потрагата по затрупани луѓе.

За стотици луѓе кои останаа без покрив над главата поставени се шатори, соопшти италијанската служба за цивилна заштита. Стотици други се сместени во спортски сали. Како што јави италијанската новинска агенција Анса, земјотресот само во регионот Марке без поктив над главата остави 1500 луѓе. Премиерот Ренци вети: „Никој нема да биде оставен сам на себе: ниту една фамилија, ниту една заедница, ниту едно соседство“.

„Гласови под урнатините“

Беше точно 3:35 часот, кога жителите на регионите Лацио, Марке и Умбрија во ноќта кон средата беа панично разбудени од сон од силниот земјотрес со интензитет од 6,2 степени според Рихтеровата скала. Следуваше уште редица помали потреси од кое еден имаше интензитет од 5,3 степени. Повеќе села во Апенинските планини беа речиси целосно разурнати, меѓу нив и прекрасното селце Аматриче со 2600 жители, кое се наоѓа на 150 километри одалеченост од Рим. „Половина село исчезна“, изјави началникот на Аматриче, Серџио Пироци. Селото беше прочуено како едно од најубавите во Италија. Пироци за италијанската телевизија РАИ изјави: „Слушаме и гласови од под урнатините. Мора да се стори сѐ што е можно, за да се спасат луѓето“.

Особено тешко од земјотресот се погодени и други места омилени меѓу туристите- Акумоли, Пескара дел Тронто, Аркуата дел Тронто. „ Ова овде е трагедија“, изјави градоначалникот на Акумоли, Стефано Петручи. Претседателката на италијанскиот парламент, Лаура Болдрини, по посетата на местото Пескара дел Тронто ситуацијата јна теренот ја опиша на следниов начин: „Тука повеќе нема ништо. Само урнатини. Наликува на бомбардирано место“. Сепак во Пескара дел Тронто се појави и мал зрак надеж откако чудесноод под урнатините беше живо извлечено девојче по цели 17 часа.

Чудо во трагедијата во Пескара дел Тронто

00:55

This browser does not support the video element.

Силни потреси инаку беа почувствувани и во главниот град Рим. Градските власти наредија проверка на статиката на Колосеумот во Рим.

Во меѓувреме пораки и телеграми со сочувство за жртвите во катастрофалниот земјотрес во централна Италија пристигнуваат од сите страни на светот. Длабоко потресен е и папата Франциско. Тој порача дека не може да најде зборови за да ја изрази големата болка која ја чувствува. „Бев многу потресен кога слушнав како градоначалникот на Аматриче вели дека целото место не постои повеќе и оти меѓу жртвите има деца“, рече папата Франциско.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми