1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија: Котарели или хаос?

Барбара Везел
29 мај 2018

Владината коалиција Пет ѕвезди и Лега пропадна поради ветото на претседателот Матарела, а сега овие две партии сакаат да го блокираат неговиот кандидат за преоден премиер, Котарели. Во Италија сѐ упатува на нови избори.

Italien Rom Carlo Cottarelli mit Regierungsbildung beauftragt
Фотографија: Reuters/T. Gentile

Именувањето на Карло Котарели (насловна фотографија) претставува сигнал со кој претседателот Серџо Матарела сакаше привремено да ја смири ситуацијата и да избегне економски штети за неговата земја. Котарели, поранешен економист на Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, има прекар „господин ножички“, бидејќи во 2013 година работеше како комесар за штедење во краткотрајната влада на Енрико Лета. Котарели тогаш забележа дека во буџетот на Италија постои можност за заштеда од 35 милијарди евра. Меѓутоа, повеќето негови предлози пропаднаа поради отпорот на италијанската бирократија.

Преодна влада без доверба?

Котарели сега има задача од стручњаци да состави список на министри за Италија да може да ги протурка наредните месеци. Меѓутоа движењето Пет ѕвезди и Лега најавија дека во парламентот нема да ѝ укажат доверба на преодната влада. Тие се против Котарели, бидејќи тој претходно оцени дека за  планираната програма за трошење на несудената коалициска влада на овие две популистички партии нема пари. Самиот Котарели изјави дека доколку не добие доверба веднаш по летната пауза ќе закаже нови избори. А ако пројде како преоден премиер, на функцијата планира да остане најдоцна до почетокот на 2019 година. 

Фотографија: Reuters/Italian Presidential Press Office

Повеќе:

-Карло Котарели треба да ја извади Италија од криза

-Неуспех на популистите во Италија

-Популистите за првпат владеат со една голема ЕУ-држава

Ако техничката влада не добие мандат, таа во преодниот период нема да може да донесува одлуки и да изврши подготовки за усвојување на буџетот. Тоа исто така значи стагнација на ниво на ЕУ, каде во јуни треба да бидат склучени првите договори за реформи во еврозоната. Италија политички ќе тапка во место, сѐ додека во Рим не биде инсталирана функционална влада, што дури и по евентуални нови избори на есен може да потрае уште месеци. Засега само социјалистите најавија дека ќе го поддржат Котарели, што исто така говори против мандат на неговата влада. Италијанскиот печат шпекулира дека новите избори ќе се одржат веќе во септември. 

Котарели не може да очекува поддршка ниту од движењето Форца Италија, чиј шеф Силвио Берлускони се врати на политичката сцена. Тој вети дека ќе се придржува до договорот за коалиција со Лега, а доколку тоа не го стори, лидерот на Лега Матео Салвини се закани дека ќе го раскине договорот. Берлускони очигледно се надева на враќање на власт.

Привремен мир

Скептиците предупредуваат дека вонредни избори би ја влошиле економската ситуација. Одлуката на претседателот Матарела да го отфрли именувањето на евро-скептичниот економист Пауло Савона за министер за финансии во коалициската влада на Пет ѕвезди и Лега, предизвика голема политичка несигурност, вели Гунтрам Волф од бриселскиот институт „Бројгел“.

„Намерно или не, тој го зголеми влогот, бидејќи во игра го внесе еврото. на наредните избори расправата за еврото веројатно ќе биде во центарот на вниманието. Ризикот за еврозоната и за Италија порасна“, оценува Волф.

Фотографија: Getty Images/AFP/T. Fabi

И други финансиски експерти стравуваат дека новите избори би можеле да станат еден вид референдум за еврото. „Многу е веројатно дека во текот на наредната изборна кампања, оние кои го отфрлаат еврото или се скептични кон него ќе бидат уште погласни“, смета Волфганг Пиколи од економската служба „Тенео интелегенција“.

Во една таква ситуација решавачки ќе биде како ќе се позиционира искусниот Силвио Берлускони. Тој како премиер не спроведуваше реформи, ниту пак Италија ја поведе напред. Но, барем секогаш беше проевропски настроен, и со оглад на неговиот милионски имот во Италија, банкрот на државата со сигурност не му е во интерес. Прашање е само дали тој ќе успее да се врати во првиот ред на италијанската политика?

Преголема за да пропадне

Со оглед на гигантскиот национален долг од 2,3 билиони евра (130 насто од Брутодомашниот производ), вистинска финансиска криза во Итралија би ја загрозила целата еврозона. Меѓутоа голем дел од италијанскиот национален долг се наоѓа во италијански раце, истакнува Гунтрам Волф. Само 36 насто држат доверители во еврозоната, додека остатокот е во рацете на италијанските банки и штедачи. Банките профитираа од евтините пари на Европската централна банка (ЕЦБ). Тие останаа ликвидни, но и натаму се кревки, главно поради големите количества на таканаречените гнили кредити. 

Доколку ЕЦБ би морала да го запре дотокот на нови пари, ситуацијата набргу може да стане критична. Рејтинг агенцијата Мудис уште во петокот  (25.5.) предупреди дека би можела уште повеќе да ги обезвредни италијанските обврзници. Именувањето на Карло Котарели, веројатно привремено ја отстрани непосредната опасност, но кризата е само одложена.

Фотографија: picture alliance/AP Photo/M. Percossi

Колку е виновна ЕУ?

„Предупредувањата од Брисел против коалицијата на Пет ѕвезди и Лега, беа целосно контрапродуктивни“, оценува Ѓовани Орсина, политиколог од римскиот институт ЛУИСС. Не ги разбирам Европската комисија и европските политичари. Колку почесто тие се јавуваат за збор, толку повеќе Италијанците сакаат влада која е критички ориентирана кон ЕУ. Колку повеќе ЕУ говори за Италија, толку е посилна реакцијата на спротиставување“. Претставници на Еврокомисијата во Брисел, како и францускиот министер за финансии, но и германски политичари, јасно го предупредуваа Рим да се придржува до европските правилата и да не ја загрозува буџетската дисциплина.  

Но некои не умеат да запрат. Во понеделникот и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини зазема позиција: „како и сите Италијанци, имам целосна доверба во италијанските институции, почнувајќи од претседателот на државата. Тој е гарант на почитувањето на италијанскиот устав“. Таа уште истакна оти верува дека претседателот секогаш им служи на интересите на граѓаните и оти тие се „поврзани со силата на Европската унија“. Значи, таа јасно зазема страна. Впрочем Могерини доаѓа од редовите на социјалистите. А поранешниот премиер Паоло Ѓентилони викендот на Твитер порача „Мора да ја спасиме Италија“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми