1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Италија не е земја за млади“

Тилман Клајнјунг / Елизабета Милошевска Фиданоска25 јули 2012

Невработеноста во Италија е голема, кај младите - екстремно голема. Владата презема мерки, но многу млади веќе не гледаат перспектива во Италија и и‘ го вртат грбот на татковината.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Кризата во Италија има лик, млад лик. Младите Италијанци се губитници од длабоката рецесија во која земјата се наоѓа со години. Премиерот Марио Монти, кој ја презеде функцијата на крајот на минатата година, сака тоа да го промени. Неговата владина изјава може да се сведе на две реченици:

„Речиси секогаш она што е добро за младите, е добро и за земјата. Речиси секогаш она што ги ограничува шансите на младите, ја ограничува и иднината на земјата.“

Но и по осум месеци од стапувањето на должност на Монти, во земјата не е променето многу. Невработеноста и натаму се зголемува, а уште побрзо се зголемува невработеноста на младите - 36 проценти од младите под 25 години се без работа. Кај нешто постарите не изгледа многу подобро. Многумина менуваат работни места, како 31-годишниот политиколог Никола Маиале:

Младите добиваат работа на само неколку месециФотографија: Jean di Marino

„Работев секогаш во управата, прво со ограничен договор, а потоа само врз хонорарна основа. Договорите истекуваат по 3 или 6 месеци, а можат да бидат продолжени за уште три месеци.“

Италијанскиот пазар на работна сила е двослоен. На една страна се постарите вработени во јавните дејности, кои уживаат големи права и добро се заштитени од отказ. На другата, темна страна, се младите луѓе како Никола, кои одвај успеваат да добијат „цврсто“ работно место. Шефот на владата Монти се обидува со реформа на пазарот на работна сила да го направи системот пофлексибилен:

Марио Монти се надева дека реформата ќе донесе резултатиФотографија: picture-alliance/dpa

„Оваа реформа овозможува поголема флексибилност во двете несоки. Заштитата на работниците ќе биде подобро распоредена, од презаштитени ќе се движиме повеќе кон незаштитените, кон младите и невработените.“

Во иднина и во Италија ќе биде можно поедноставно да се отпушти работник. Временски ограничените договори за работа преку различни додатоци ќе им бидат направени неатрактивни на работодавачите. Монти сака да ги поттикнува младите и да ги задржи во земјата. Зашто многумина се иселуваат. Таков е и примерот на Салваторе, кој заминува за Холандија:

„Во Италија не се враќам поради состојбата на конјуктурата. По завршување на универзитетското образование е полесно да се најде работа во Холандија, каде невработеноста на младите е неверојатно ниска. Овде, во Италија, невработеноста е 30%, а во Холандија само 5%.“

Кризата има и демографски последици. Не само што младите Италијанци се иселуваат, туку заради кризата многумина не сакаат ниту да основаат семејство. Алесандро Росина, професор по демографија во Милано вели:

Поради кризата голем број млади се иселуваат од ИталијаФотографија: picture alliance/dpa

„Сега ја губиме големата резерва која е животно важна, го губиме моторот за пораст, највредниот дел од населението. Во Франција, која има отприлика ист број на население, има четири милиони млади под 25 години повеќе отколку во Италија.“

Росина издаде книга за состојбата на нацијата која старее, чиј наслов е: „Италија не е земја за млади“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми