1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија повторно во фокусот на инвеститорите

Ф. Цан / Е.М. Фиданоска16 март 2014

Бонитетот на Италија е значително подобрен, се чини дека инвестираните пари се сигурни, пред сѐ кога се вложени во луксузни недвижности. Во делови од земјата инвеститорите чекаат ред за да вложат пари.

Фотографија: Getty Images

Стара дама во нов сјај - Виа Венето, елегантната улица во Рим, е повторно многу барана. По годините на пад поради економската криза, благородната улица повторно шири Долче Вита - флер, благодарение на богатите муштерии од Азија и од Арапскиот Полуостров. Од таму доаѓаат инвеститорите кои се подготвени во Рим да ја платат секоја цена.

Бернабо Бока, од италијанското Здружение на хотелиери, објаснува: „Зад тоа се кријат пред сѐ државни фондови кои во моментов сaкаат целно да инвестираат во луксузни недвижности во Италија, најрадо во хотели со пет ѕвезди. Зборуваме за износи до 70, 80, 90 милиони евра!“

Претседателот на италијанските хотелиери и самиот раководи со низа лускузни хотели и тоа не само во Рим. Во „Вечниот град“ радо би експандирал и тој лично, но за такво нешто претприемачот нема доволно средства за инвестирање.

„За жал, банките од почетокот на евро-кризата не ни даваат кредити. Затоа, италијанските инвеститори се запоставени, не можат да учествуваат на тендерите за овие недвижности и мора да им остават предност на странците“, вели Бока.

Виа Венето

Затоа на Виа Венето владејачката фамилија од Дубаи веќе има хотел, кој е дел од хотелски синџир. Во соседството, емирот од Катар го купи традиционалниот хотел „Регина Баљоне“, а една улица понатаму султанот од Брунеи на наддавање го доби овој хотел со пет ѕвезди. Цената - по еден милион евра за секоја од 121 соби!

Инвестицискиот брокер Масимо Капути вели: „Имаме дури налогодавач од Далечниот Исток, кој сака да купи 20 вакви хотели во Италија. Меѓутоа, толку хотели нема. Големите домашни хотелски синџири, какви што има во странство, кај нас исчезнаа одамна. Повеќето стари луксузни хотели се во приватна сопственост на поединци.“

Фирмата за недвижности, каде е ангажиран Капути, управува со имот во вредност од над 9 милијарди евра. Тука се вбројуваат трговски центри и деловни згради, меѓу кои и објекти на Виа Венето - стари градби со шанси за добивка. Зашто, кога евро-кризата конечно ќе биде надмината, добрите локации во „Вечниот град“ можат да донесат голем профит. А странските инвеститори играат на таа карта!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми