Италија усвои нов пакет-мерки за штедење
13 август 2011Целта на владата на Берлускони е да постигне избалансиран државен буџет до 2013 година, една година порано од претходно планираното. По вонредната седница на кабинетот, Берлускони најави дека е усвоен пакет-мерки со кој државата треба да заштеди 45 милијарди евра во текот на наредните две години.
Повеќе од 50.000 работни места ќе бидат укинати во локалните управи, а владата одлучи и некои државни празници кои паѓаат во работни денови да ги префрли во недела, за да се зголеми вкупниот број работни денови во годината. Мерките предвидуваат и дополнителни кастрења во регионалните буџети и нов „данок на солидарност“ за сите со високи примања. Сите кои заработуваат повеќе од 150.000 евра годишно ќе бидат оданочувани за дополнителни десет проценти во следните две години. Данокот на дивиденди и камати исто ќе се зголеми за 7,5 отсто.
Услов од Европската централна банка
Италија веќе усвои мерки за штедење уште во јули, со кој се предвидуваше справување со државниот дефицит до крајот на 2014 година. Со оглед на турбуленциите на светските пазари, но и на барање на Европската централна банка, владата на Берлускони мораше да ги засили напорите и побрзо да го избалансира буџетот. Откако владата ги усвои, мерките за штедење треба да ги одобри и претседателот на Италија, а потоа и парламентот, кој за тоа има на располагање 60 дена и можност да воведе измени.
По вчерашната седницата на владата, Берлускони емотивно ги претстави одлуките. „Срцето ми се кине. Ние како влада отсекогаш се фалевме дека нема да посегнеме во џебот на граѓаните, но ситуацијата во светот се промени. Соочени сме со најголемиот глобален предизвик“, истакна италијанскиот премиер.
Со усвојувањето на планот за штедење, исполнети се условите што ги постави Европската централна банка за откупување на италијанските државни обврзници.
Автор: ТТ/ АТ/ дв /миа
Редактор: Александра Трајковска
Редактор: