Италија ја надмина Кина по бројот на жртви од коронавирусот
БГ /АФП
19 март 2020
Италија денеска постави црн рекорд откако ја надмина Кина со најголем број пријавени жртви од новиот коронавирус кој се шири низ планетата. Глобално, бројот на смртни случаи од вирусот надмина 9.000.
Реклама
Додека Кина јави за првиот ден без нови домашни случаи на коронавирус, сега Европа урива рекорди по бројот на заболени и жртви од Ковид-19. Италијанските власти вечерва пријавија нови 427 смртни случаи, со што вкупниот број достигна 3.405 жртви. Кина, каде вирусот за првпат се појави во декември минатата година, досега има евидентирано 3.245 жртви.
Глобално, бројот на смртни случаи од вирусот надмина 9.000.
Голем број држави преземаат радикални мерки за запирање на вирусот кои најчесто опфаќаат затворање на граници и милијарди евра помош за економијата. Ниту една мерка засега не се покажува успешна против пандемијата- ни бројот на заразени опаѓа, ниту економиите ширум светот покажуваат знаци на заздравување- напротив.
Притоа, паралелно расте стравот дека во Азија доаѓа втор бран на епидемијата. Имено, иако во Кина нема нови домашни случаи, властите велат дека регистрирале 34 случаи на лица кои пристигнале од странство.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја обвини Кина дека поради нејзината нетранспарентност, вирусот се раширил низ целиот свет.
„Можеше да биде ограничен во тој регион во Кина каде што започна. И секако светот плаќа висока цена за тоа што го сторија“, рече Трамп.
Италијанскиот премиер Ѓузепе Конте најави дека националниот карантин ќе биде продолжен до 3 април. И во Франција веќе се размислува за продолжување на двонеделниот карантин кој деновиве го нареди претседателот Емануел Макрон, откако неговиот министер за внатрешни работи ги критикуваше „идиотите“ кои не ги почитуваат апелите за седење дома и ги ставаат другите во ризик.
Болеста притоа не ги поштедува ниту познатите и славните. Меѓу најновите заболени денеска се евидентирани преговарачот на ЕУ за Брегзит Мишел Барние, како и принцот од Монако Алберт Втори.
Во изолација поради коронавирус? Нема проблем
Со малку креативност можете да ја претворите изолацијата во инспирација. Еве неколку идеи како да го искористите времето во карантин, и да продолжите нормално да живеете дури и затворени во четири ѕида.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
Бидете креативни со конзервираната храна
Претворањето на конзервираната храна во нешто вкусно можеби бара малку магија, но сигурно не е невозможно. На пример, експериментирајте со лакса која ги прочистува синусите или пак измешајте конзерва туна со малку пченка и свеж ѓумбир за да го зајакнете вашиот имунолошки систем.
Фотографија: Miguel Medina/AFP/Getty Images
Затворената вежбална не е изговор
Имате доволно начини да ја одржите добрата форма на вашето тело дури и ако не можете да ја посетите вашата вежбална. Загрејте го телото со фитнес вежби или јога со онлајн упатства, а доколку ви е многу здодевно искористете ги и конзервите со храна во вашиот магацин за да ги развиете вашите бицепси и трицепси.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert
Време е за пролетно чистење
Искористете ја можноста, засукајте ги ракавите и употребете го вишокот енергија за да го светнете секое ќоше во домот. Ова може да биде најдобриот момент за расчитување на нередот. Можете дури и да ослободите место во плакарите и да зачистите во подрумот.
Целодневното гледање на ТВ серии е гарантиран начин за опуштање на умот и телото. Можеби мини-серијата „Чернобил“ и не е најдобриот избор доколку сте во мрачно расположение. Алтернативата би било нешто полесно, како „Пријатели“. Доколку секој ден потрошите 6 часа и 20 минути на оваа серија, ќе ги изгледате сите 236 епизоди за 14 дена.
Покрај сето слободно време можеби е добар момент да ја избришете прашината од некои постари игри и да се забавувате со оние со кои го споделувате карантинот. Доколку сте сами во изолација, повеќе класични игри денес имаат и онлајн верзии па можете да играте со пријателите преку интернет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache
Научете нешто ново
Во денешно време можете да научите речиси се онлајн. Можеби секогаш сте сакале да научите некоја нова вештина или дури и јазик. Германски можеби? На интернет ќе најдете многу можности и за бесплатно изучување јазици, па со оглед на слободното време, нема никаков изговор зошто тоа да не го сторите.
Фотографија: Colourbox
Јавете и се на бабата
Вашите роднини секогаш се жалат дека ве гледаат само за празници. Сега е добар момент да им се јавите. Иако веројатноста дека ќе заглавите на телефон 1-2 часа е голема, сепак ќе ви се израдуваат. Притоа, ќе покажете грижа и за нив и за нивното здравје во оваа тешка ситуација, особено за постарите луѓе.
Фотографија: Heike Brauer/Fotolia
Планирајте го следниот одмор
Планирањето одмор е добар начин да избегате од вашата соба, макар и само во мислите. Исполнете го денот замислувајќи си како се релаксирате на Бали или уживате во чистиот планински воздух некаде на Алпите. Само не заборавајте да си купите и патничко осигурување бидејќи никогаш не се знае кога ќе дојде следната криза.