Итна евакуација на македонските државјани од Кабул
ДТЗ
16 август 2021
Седумдесет и пет македонски граѓани чекаат да бидат евакуирани од Авганистан, по ескалацијата на ситуацијата, првата група од 25 македонски граѓани наскоро ќе полета со авион на американската војска за Катар
Реклама
По ескалацијата на ситуацијата во Авганистан, откако талибанците ја презедоа контролата врз Кабул, започна итна евакуација на македонските државјани коишто се наоѓаат во земјата. Седумдесет и пет македонски граѓани чекаат да бидат евакуирани од Авганистан. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, информираше дека првата група од 25 македонски граѓани наскоро ќе полета со авион на американската војска за Катар, а уште 25 се регистрирани за некој од следните летови. Третата група од 25 македонски граѓани моментално е во американска база во близина на аеродромот во Кабул. Проценката е дека тие се на безбедно и се на листата на чекање за трансфер до аеродромот и евакуација.
Во изминатите 72 часа нагло се влоши безбедносната ситуација во Авганистан. Северна Македонија уште во јули го повлече целиот свој воен, дипломатски и цивилен персонал и државата веќе нема свои претставници таму. Но, има македонски граѓани кои биле работно ангажирани или по некоја приватна основа се затекнале во Авганистан.
Уште во саботата во МНР е формирана работна група која работи на евакуација на македонски државјани кои се работно ангажирани во Авганистан. Воспоставен е контакт со компаниите од кои се работно ангажирани, испратени се формални барања до сите земји кои имаат присуство во Авганистан за нивна асистенција при евентуални летови за евакуација, за што од голем број земји е потврдно одговорено дека ќе будат земени предвид барања на земјата. Османи информираше дека воспоставил директни контакти со колегите од Турција, Катар, како и со САД.
Министерството за надворешни работи нема информација дека има други македонски граѓани во Авганистан. „Дел од граѓаните заминале за Доха со комерцијални летови пред падот на Кабул, па затоа во прв момент немавме прецизна бројка колку македонски граѓани има во Авганистан“, рече Османи.
Северна Македонија ги информирала САД дека стои на располагање да помогне за да се спасат животите на цивилното население од Авганистан. Северна Македонија е подготвена да обезбеди сместување во хотели и одморалишта, а оперативата и трошоците за време на нивниот престој до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД. Османи вели дека тоа ќе бидат Авганистанци кои биле вклучени во демократските промени во земјата и работеле во меѓународни организации и агенции.
„Од Обединетите нации побараа да примиме шест лица, главно жени и деца на вработени во канцеларијата на ОН во Кабул и очекуваме тие да стигнат“, рече Османи.
„Војната во Авганистан заврши'“
Претседателот на државата избега, радикално исламистичките талибанци ја зазедоа претседателската палата во Кабул. Населението во Авганистан е во неизвесност и страв. Странците се евакуираат.
Фотографија: Zabi Karim/AP/picture alliance
Талибанците во центарот на моќта
По изненадувачки брзата офанзива во Авганистан, радикално исламистичките талибанци прогласија победа. Само по околу три месеци од почетокот на повлекувањето на меѓународните трупи од земјата, талибанците ја зазедоа палатата на претседателот Ашраф Гани.
Фотографија: Zabi Karim/AP/picture alliance
Исламистите сакаат „да ги решат проблемите“
„Војната во Авганистан е завршена“, изјави Мохамад Наим, портпарол на талибанците. „Ги молиме сите земји и организации заедно да работиме на решавање на сите проблеми“, додаде тој. Формата на идната влада ќе биде набрзо објавена.
Фотографија: Sefa Karacan/AA/picture alliance
Симбол на новите владетели
На многу места во Авганистан талибанците го имаат закачено своето знаме. Така е и на централниот плоштад во Кундус (на фотографијата). Освојувањето на провинцискиот главен град во североистгочен Авганистан пред неколку дена беше шок за Западот. Во Кундус десет години беа стационирани германски војници.
Фотографија: Abdullah Sahil/AP Photo/picture alliance
Полициско возило во рацете на талибанците
САД потрошија милијарди долари за обука и опремување на авганистанската војска и полиција. Со капитулацијата на овие сили речиси без отпор, оружјето и опремата сега е во рацете на исламистите. На фотографијата талибански борци во полициско возило патролираат пред аеродромот во Кабул.
Фотографија: REUTERS
Гани е веќе во странство
Авганистанскиот претседател (на фотографијата - во текот на телевизиски говор непосредно пред бегството) наводно избегал во Узбекистан. Ашраф Гани е заедно со шефот на својот штаб во Ташкент, јави Ал Џазира повикувајќи се на информации на телохранител на Гани.
Колони на улиците на Кабул на 15.08.2021 - многумина сакаат да ја напуштат земјата што побрзо. Според медиумски извештаи, талибанците наредиле никој да не биде спречуван при заминувањето од земјата. Многу луѓе се обидуваат да стигнат до аеродромот во Кабул пеш.
Фотографија: Khodaiberdi Sadat/AA/Getty Images
Гужви на аеродромот
Голем број држави ги повикаа своите граѓани веднаш да го напуштат Авганистан. Пред шалтерите на аеродромот во Кабул има долги редици веќе неколку дена. Во тек е и акцијата на враќање на германските државјани во татковината.
„Правиме сѐ за да им овозможиме на нашите државјани и нашите поранешни локални соработници да заминат во наредните денови“, изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. Авиони на германскиот Бундесвер заминаа во Авганистан како поддршка на евакуацијата.
Фотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture alliance