1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ишингер: „ИД долго ќе биде проблем за Европа“

Михаел Книге / превод: ЕМФ12 февруари 2016

Ако Исламска држава се шири во Либија, ЕУ можеби ќе мора да интервенира и воено, вели шефот на Минхенската безбедносна конференција Волфганг Ишингер во интервју за ДВ.

Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Gebert

ДВ: Минхенската безбедносна конференција се одржува во турбулентни времиња. Која е, според Вас, најважната тема на која ќе разговараат учесниците на конференцијата во Минхен?

Волфганг Ишингер: Централна тема е прекуграничноста на конфликтите. Војната во Сирија, која се претвори во регионален конфликт, бегалската криза, сајбер-нападите, џихадистичкиот терор - сите овие предизвици ги надминуваат границите. А, ние сѐ уште не успеаваме да дејствуваме ефективно заеднички. Некои држави, како што се чини, бараат национални решенија, но такви нема.

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг неодамна се изјасни за повторен старт на Советот НАТО-Русија. Вие му дадовте поддршка на неговиот предлог. Русија досега не даде одговор на тоа. Сметате ли дека Москва ќе се согласи, иако Германија има намера речиси двојно да ги зголеми своите издатоци за одбраната, а и САД сакаат значително да ги зголемат издатоците за одбрана на Европа?

Зошто Русија не би сакала? Никој во Москва не е изненаден од тоа што Западот сега повторно инвестира во своите воени способности. Тоа беше крајно потребно.

Бегалската криза во Европа не само што сѐ уште не е решена, туку ЕУ-државите се и натаму длабоко поделени во врска со бегалската тематика. Како би можело да изгледа решението?

Прво, Европа конечно треба да најде компромис за распределбата на бегалците. Второ, итно ни е неопходна сеопфатна стратегија за да се запре војната во Сирија. Тоа не би било можно без темелно разбирање и со Москва, Ријад и Техеран, колку тоа и да е тешко. Европа во тој дел би можела да биде дипломатски уште поактивна. Трето, итно ни е неопходна поголема помош за бегалците на лице место, во регионот.

Исламска држава (ИД) во Сирија и Ирак очигледно загуби територии, меѓутоа истовремено го зголемува влијанието во Либија и на други места. Колку ИД е сѐ уште опасна за регионот или надвор од неговите граници?

ИД беше многу успешна во пополнувањето на вакуумот во власта во делови од Средниот Исток. Групата е појака од тоа што Ал Каеда воопшто некогаш била, особено со својата мрежа во Европа и силната дигитална прогандна операција и регрутирање. ИД за Европа долго ќе биде проблем. Во Либија, на пример, ЕУ можеби нема да може да избегне воена интервенција доколку ИД и натаму се шири. Тоа, впрочем, е само една од многуте причини зошто Европа мора да го има неопходното за развој на веродостојна заедничка безбедносна и одбранбена политика.

Волфганг Ишингер е претседавач на Минхенската безбедносна конференција и долгогодишен германски дипломат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми