1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„И во Германија нема живот!?“

15 ноември 2010

Барателите на азил од Македонија кои се сместени во Берлин чекаат на враќање во татковината. Незадоволни се зашто за патот дале се’ што имаат, а излезе дека Германија не е „ветената земја“.

Azylbewerber aus Mazednonien
Ферат Идризов од ШтипФотографија: Silvera Padori-Klenke

Во индустриската зона на некогашен „Сименс“ , на „Мотард Штрасе“ 101 во Шпандау, се наоѓа прифатниот центар за барателите на азил во Берлин. Во бранот што последниве месеци ја преплави Германија има и Македонци. Колку точно се во Берлин, задолжените служби на Сенатот поради презафатеност не можеа да пребројуваат. Но, како велат неколкумината од „Мотард Штрасе“ со кои разговаравме, таму има десеттина македонски Роми. Меѓутоа, цела Шутка е ширум Германија!?

Има голема иронија во судбината на барателите на азил од Македонија кои во потрага по подобар живот пристигнаа во Германија. Оние кои се сместени во Берлин посветлата иднина можат да ја почувствуваат само при помислата дека контејнерите во кои привремено живеат се лоцирани во некогашниот индустриски комплекс кој произведувал светилки - ОСРАМ. Во прифатниот центар овој ноември живеат десеттина Роми од Македонија. Со оглед што официјалните служби на прифатилиштето и задолжените од Сенатот немаа време за средби со новинари, во дождливото попладне пред оградата на „логорот” за патешествието до Берлин ни раскажаа Ферат Идризов од Штип и Тафик од Миладиновци.

Скапа цена за авантурата

Ферат со родителите и помалиот брат со автобус пристигнал директно во Хамбург. Вели, морале да дојдат зашто во Македонија немало живот. Собирале предмети по контејнери, живееле под картони. Од Хамбург со семејството е пренесен на „Мотард Штрасе“ во Берлин каде што речиси месец е и Тефик од скопско Миладиновци . Тој со сопругата пристигнал најпрво во Дортмунд, а потоа е префрлен во Берлин.

Ем без азил, ем без пари... Ваква е цената на авантурата до Германија, вели Ферат од ШтипФотографија: Silvera Padori-Klenke

„Не знаеме што ќе биде со нас. Знаеме дека ќе не избркаат... Азил нема. Знате како е во Македонија. Голема криза, работа нема... Дојдовме на ризик. Не знаевме дека ќе не‘ вратат. Постарите, оние кои тука биле пред 10-15 години велеа дека во Германија е многу убаво! И така се излажавме”, кажува Тефик кој не крие дека му е тешко, забележувајќи дека повторно се потврдила онаа стара народна “се кине онаму каде е најтенко...”.

„Не ни се исплатеше патувањето... Тука стигнавме наводно да преживееме. Откако сум роден работа нема. Во биро се пријавувам 30 години, ама работа нема. Не ми наоѓаат работа. Знаеш, ние Ромите заостанати сме, ако не‘ вратат сега, што да правиме?”, се пожали Тефик.

И тој и Ферат кажуваат дека во прифатниот центар овој ноември барем им е топло. Имаат покрив над глава. Дневно добиваат и кеси со храна. Сепак, не е некаков живот од сништата каков што си замислуваат сите оние кои се решаваат да тргнат на пат. А ги има многу, ширум Германија, во Есен, Хамбург, Берлин, ја има речиси цела Шутка.

„Луѓето слушале дека е многу убаво во Германија, дека има живот. Ама како гледаме ни тука нема живот. Кај ќе одеме сега? Немаме ништо. Ако не‘ вратат сега дома, како ќе презимиме?? Зошто нас на Македонците и на Србите не ни даваат азил, а на другите им даваат?”, прашуваат Тефик и Ферат. И велат, најстрашно е што оние малку пари што ги имале ги инвестирале за патувањето. Сега немаат ништо. Згора на тоа, неизвесно е дали и натаму ќе ја добиваат социјалната помош од 2.200 денари, која можеби државата ќе им ја укине зашто побарале азил во туѓина. Како и да, месец или два во Германија не е она што посакувале и за крај прашуваат: како ќе се вратат дома и ќе им ги плати ли несудената нова татковина патните трошоци?

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми