И Германија депортира Роми
1 септември 2010
Ромите кои живеат во Германија не се државјани на Европската унија. Во времето на војната во Југославија, Ромите добиле право на азил во Германија, но сега треба да бидат депортирани во Србија, Босна или на Косово. Таков е случајот и на Роза и нејзиното семејство, кои потекнуваат од Македонија, а во Германија дошле во времето на југословенските војни како воени бегалци:
„Се плашам доколку не‘ вратат во Југославија“, раскажува таа, додавајќи дека доколку ги вратат нема да има од што да живеат.
Достоинствени услови за живеење
Но, Ромите воопшто не се добредојдени во целните земји, таму ги понижуваат, а често ги напаѓаат и физички. Организациите за бегалци критикуваат дека најчесто нема никаква инфраструктура за протераните, дури ни во прифатилиштата. Таму или нема училишта и здравствена нега, или Ромите воопшто немаат право да ги користат. Тие немаат можности да работат.
„Факт е дека луѓето кои принудно се депортираат во земјите од поранешна Југославија, не остануваат таму“, смета експертот за бегалци Ирис Бизевинкел.
Таков е случајот и во рамките на Европската унија, како што може да се забележи од примерот со Франција, која ги протерува Ромите во земјите-членки Романија и Бугарија.
„Веќе одамна има голем бран на внатрешни бегалци. Секогаш велат дека такви бегалци не постојат, но нив ги има“, вели Бизенвинкел.
Во Германија само ги толерираат
Додека траеше војната во Југославија, Германија ги прифати повеќето бегалци кои бараа азил, со предуслов подоцна, по крајот на војната, да се вратат назад. Ромите кои живеат во Германија најчесто немаат дозвола за престој и во секој момент може да бидат протерани. Мал број од нив имаат дозвола за престој на ограничено време, и можат да работат и да изнајмат стан.
Така, голем дел од нив вегетираат во азилантски домови, резигнирано, без надеж и во постојан страв дека ќе бидат вратени во неизвесна иднина.
Една организација сака да помогне
Невладината организација „Ром“ од Келн, единствената од тој вид во цела Германија, се грижи за загрозените луѓе. „Ром“ работи од 1988 година, и има за цел да го прекине кругот на прогонување или депортирање, на осиромашувањето и криминалот кои се во пораст. Тие помагаат и за интеграцијата на Ромите во Германија. Здружението и претставниците од црквата остро се спротивставија на обидите да се влошат условите за живот во бегалските кампови за Роми, каков што беше примерот со градската управа во Келн. Најпосле градскиот совет усвои нови одредби за бегалците, со кои пред се‘ треба да се подобрат условите за живот и социјалната грижа.
Покрај социјалната и политичката работа, „Ром“ веќе 15 години работи на организацијата на архива и центар за документација, кој во меѓувреме стана најголемата колекција за историјата и културата на Ромите во цела Европа.
Бизевинкел, раководителката на одделот за бегалци во „Ром“, секој ден се среќава со загрижените луѓе, ги ислушува, преведува, разговара со надлежните институции, ги теши. И покрај потресните судбини, кои ги слуша секојдневно, таа и нејзините колеги имаат уште енергија да се борат против неправдите на институциите и нехуманите параграфи. Здружението најавува дека до крај ќе се бори со сите можни средства, и на луѓето кои треба да бидат депортирани, сепак да им овозможи да останат во Германија.
Автор: Петер Колаковски / Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска