1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

080710 Cybermobbing Internet

23 јули 2010

Младите денес мора да бидат вклучени на интернет ако сакаат да држат чекор со врсниците од генерацијата. Комуницирањето преку интернет може да биде и опасно. Секое петто дете во Германија е вклучено во интернет-мобинг.

Интернетот е голема фасцинација, но крие и опасности за младитеФотографија: Bilderbox

За оваа тема се’ уште малку се зборува во јавноста, иако т.н. „сајбер-мобинг“ може да остави трајни и длабоки последици по психичкиот развој на децата. Затоа младите самите се досетија и создадоа документарен филм во рамките на Медиумскиот проект Вупертал.

„Се откачив затоа што тој ја навредуваше мајка ми. Толку ме изнервира што удрив со тупаницата во екранот на компјутерот... целата беше внатре. Ова е лузната што ми остана од тоа...“

Хајко ја покажува раката со лузната пред камерата на младите документаристи. Случката од пред неколку години, меѓутоа, не оставила само надворешни траги на неговото тело. Денес 14-годишниот ученик признава дека тогаш бил навистина преплашен. Добивал дури и по 15 пораки на интернет од некое момче, кое го навредувало и му се заканувало: „Прво не му одговрав, туку само ги читав пораките и ги бришев, ама по околу три месеци сепак, почнав да пишувам и го прашав што му е и зошто ме навредува. Тогаш ми напиша: затоа што те познавам. Ќе те најдам насекаде, ќе те убијам. Ме фати страв од него...“

Од играчка - плачкаФотографија: picture-alliance/dpa

Помош од полицијата

Ноќниот кошмар на младиот Хајко заврши дури откако собра сили да и’ се обрати на полицијата. Нејзини специјалисти за интернет го нашле момчето што му се заканувало и го привеле на разговор во полициската станица. После тоа, заканите преку интернет дефинитивно завршиле. Искуството на Хајко не е единствено, иако можеби звучи многу необично. Слични искуства имале и Мадита и Диандра, кои токму затоа и веднаш се вклучиле во проектот со документарниот филм на оваа тема. Раководителот на проектот, Андреас фон Херен, појаснува дека со снимањето на филмот „Кавга на интернет“ сакал да го сврти вниманието на јавноста кон проблемот што засега се’ поголем дел од младата популација во Германија. Тој вели дека конфликтите најчесто почнуваат во реалниот живот, на училиште или во некое кафуле, а потоа се пренесуваат и во виртуелниот свет на интернет.

Фотографија: SOSO

Ситни кавги - тешка одмазда

Такво е искуството и на Диандра, која се скарала со некој соученик. За да ја навреди, тој направил компјутерска симулација во која го искористил нејзиниот лик и го намонтирал на тело на некоја порно актерка. Сликата ставена на интернет набргу ја виделе голем број соученици и пријатели и почнале да ја исмеваат. „Човек се чувствува во таква ситуација како целиот свет да се свртил против него, како да е сосема оставен сам на себе. Сите те газат и никој не сака да ти помогне. Навистина одвратно чувство...“

Како да се обезбедат предностите од интернет, а децата да се заштитат од опасностите?

Ваквиот „сајбер-мобинг“, со сето болно исмевање, отфрлање и дискриминација, во меѓувреме е секојдневие за голем број ученици. Катарина Кацер, медиумски психолог, ја изработи првата и досега единствена студија за овој проблем. Таа апелира до родителите и учителите многу посериозно да го сфатат феноменот: „Кога родителите ќе дознаат за такво нешто, тогаш е многу важно да го пријават во училиштето, кај учителите, кај директорот, за и тие да знаат што се случува, за да знаат и родителите на другите деца. Притоа, мора јасно да стават на знаење дека сторителите ги очекува казна. Значи најбитно е да не остане сето прикриено.“

Зголемена внимателност

Ваквата поддршка, меѓутоа, не доаѓа доволно често. Мадита не ја добила поддршката на учителите кога една интернет-група од нејзиното одделение ја зела на нишан: „Да, разговараме и за таа тема на училиште, но повеќето правеа шеги наместо сериозно да се соочат со проблемот. Тоа беше големо разочарување за оние кои се директно погодени.“

Наспроти негативното искуство Мадита не се повлекува од комуникацијата со врсниците преку интернет. И таа, како и Диандра, е секој ден присутна во бројните чет-форуми. Но, затоа и едната и другата станаа повнимателни: „Човек мора навистина да внимава што прави, како и со кого го прави тоа на интернет, бидејќи таквото дружење може да биде многу опасно!“, заклучува Диандра.

Автор: Сабине Дамашке / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми