1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

И довербата е фактор во битката против Ковид-19

8 април 2020

Довербата на граѓаните е клучна за ефектот на апликациите и софтверските платформи кои помагаат во борбата против Ковид 19. Предложените системи ветуваат безбедност на личните податоци

Symbolfoto Corona-App
Фотографија: picture-alliance/Sven Simon

Апликации кои помагаат во следењето на ширењето на коронавирусот се предлагаат во повеќе европски земји. Дел од нив се поврзани исклучиво со проценка на мерките за контрола на инфекција, дел со увид во социјалната изолација на заболените кои се лекуваат во домашни услови, а некои се повеќенаменски и предвидуваат две нивоа - задолжително и доброволно користење на апликацијата. Иако станува збор за корисни алатки, двете главни пречки тие да бидат во масовна употреба се стравот од можна злоупотреба на лични податоци, и фактот што сите потенцијални корисници не поседуваат смартфони.

Деновиве во Германија е промовирана апликацијата Corona-Datenspende, која треба да помогне во следење на ширењето на коронавирусот во земјата. Со неа има можност да се мерат пулсот, температурата и други индикатори, за да се процени дали тие податоци кај тестираните лица (преку апликацијата) се совпаѓаат со симптомите на коронавирусот, односно да се следи ширењето на инфекцијата. Врз база на резултатите, податоците треба да се стават на интерактивна онлајн мапа што ќе им овозможи на властите и на јавноста да ја следат заразата „на ниво на поштенски код". При доволно голем примерок, ќе биде можно да се извлечат заклучоци дали и како се шири инфекцијата и дали мерките што се преземени во Германија даваат резулати. Апликацијата која е изработена од берлинската старт-ап компанија „Thryve", може да се користи доброволно, а обработените податоци ќе бидат анонимни. За регистрација се доставува поштенскиот код, возраста, полот, висината и тежината. Специјалистите ќе ги следат податоците како што се температурата и нарушувањето на спиењето што ги даваат уредите.

Борбата против Ковид-19 во германските болници

01:21

This browser does not support the video element.

Централен регистер и контрола на карантинот

Деновиве и во Бугарија беше претставен електронски систем за собирање податоци изработен од компанијата „Софтвер груп“, кој надлежните ќе го користат за да се справат со ширењето на коронавирусот. Системот се состои од два дела кои се меѓусебно поврзани: апликација во која корисниците по избор можат да внесат информации за себе (доброволен), и централен регистар што ги собира информациите (и од институциите) и ги испраќа до сите државни органи. Во првите два дена од разработката на системот, бил направен регистар на сите пациенти заболени од Ковид-19 и на сите оние што се во карантин. Тие информации веќе му се достапни на Министерството за внатрешни работи, за да контролира дали луѓето кои се во задолжителна изолација го почитуваат тоа. Законот за вонредна состојба исто така му овозможи на бугарското МВР да го следи почитувањето на изолацијата преку местоположбата на нивните мобилни телефони, но без пристап до разговорите и нивната содржина. Промовираниот систем дополнително треба да ги интегрира матичните лекари, општините, регионалните здравствени инспекции, но и граничната полиција, пожарникарите и волонтерите, со цел да може да се преземат соодветни мерки: МВР да го следи карантинот, а лекарите да внесат лабораториски резултати и медицински податоци. Се наведува дека системот целосно ја гарантира безбедноста на личните податоци. 

Повеќе:

Борба за најдобра корона-апликација

Следење преку мобилните телефони во време на корона

Бугарски ИТ- експерти велат дека идејата да се има софтверска платформа која помага во борбата против коронавирусот е генерално добра и се спроведува во сè повеќе земји. Но, се сомневаат во негова помасовна употреба, поради неколку причини. Прво, дека многу луѓе ќе се воздржат од доброволната употреба на неговата имплементација поради недоверба во тоа државата да ги чува нивните податоци за локацијата во реално време. Второ, поради фактот дека ризичната група (повозрасни лица) не можат да користат паметен телефон, со што веројатноста да бидат дел од тој систем е мала. Трето, поради фактот дека апликацијата за граѓаните уште не може соодветно да се инсталира, за разлика од централниот (институционален) регистер.

Апликации кои помагаат во следењето на ширењето на коронавирусот се предлагаат во повеќе европски земјиФотографија: picture-alliance/dpa/K. NIetfeld

„Стоп Корона!“

И македонската јавност е во очекување да се запознае со мобилна апликација „StopKorona!“ за справување со Ковид 19. Владата веќе соопшти дека на вчерашната седница ја разгледала и усвоила информацијата за оваа мобилна апликација и го овластила министерот за здравство Венко Филипче да го потпише Договорот за донација помеѓу Друштво за информатичка технологија „Некстсенс" ДОО како давател на донацијата и Министерството за здравство како примател на донацијата. Како што се наведува во соопштението, користењето на оваа мобилна апликација е на доброволна основа од страна на граѓаните, а деталите ќе бидат презентирани од министерите за здравство и за информатичко општество и администрација. Деновиве министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, јавно веќе сподели детали за можностите што ги нуди апликацијата. Како што наведе тој, таа ќе биде достапна за „Андроид“ и „АјОс“ корисниците, а по инсталцијата ќе треба постојано да биде вклучен „блутут“ на телефонот за да се имаат реалните информации. На секој корисник по автоматизам од апликацијата ќе му биде доделен број. Информациите за корисниците на апликацијата ќе стојат 14 дена.

„Кога нашите мобилни телефони ќе дојдат во близина во радиус од три или два метри, нашиот мобилен уреден ќе ги регистрира и ќе ги зачува овие апликациски броеви на телефоните коишто биле поблиску во радиус од два или три метри од нас. И овие податоци ќе се чуваат само на нашиот мобилен телефон. Ќе ги нема на друго место. Никој ќе нема пристап до овие информации“, објасни Манчевски.

Зошто се потребни овие податоци? Ако има некој што е заболен на Ковид-19, преку апликацијата ќе добие порака од Министерството за здравство за да ги даде податоците во здравство, за да бидат контактирани оние лица со кои новозаразениот се разминал или комуницирал. Министерот Манчевски уверува дека апликацијата нема да ги следи граѓаните, ниту ќе ги користи нивните лични податоци. Постојано треба да бидат полни батериите на телефоните, бидејќи ако се исклучи апаратот, податоците нема да бидат веродостојни. Апликацијата ќе има ефект, само ако ја користат што поголем број граѓани.

„Ако не ја симнат доволно голем број граѓани, нема да има ефект. Секој од нас да покаже минимум волја да сака да помогне – со едноставно симнување на една апликација, по сопствена волја“, објасни Манчевски, потенцирајќи дека со неа треба да им се олесни работата на епидемиолозите. Тие досега спроведуваа анкети со новозаболените од коронавирусот, за да го утврдат нивното движење во  претходните 14 дена и сите контакти во тој период.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми