1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов реагираше за случувањата во Македонија

БГ/кп11 февруари 2015

Претседателот Иванов дава целосна поддршка за ефикасно постапување и санкционирање на сторителите на кривични дела, како и поддршка за медиумите во вршењето на нивната работа

Фотографија: MIA

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска за првпат јавно се изјасни околу случувањата во Македонија по изјавата на премиерот Никола Груевски за обид за државен удар во земјата, како и по тврдењата на опозиционерот Зоран Заев за масовно прислушкување од страна на власта.

Во соопштението кое го објави неговиот Кабинет, Иванов изразува „целосна поддршка за брзо, ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок и во санкционирањето на сторителите на кривични дела“.

Шефот на државата ги повикува политичките субјекти во земјата да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата.

„Само на тој начин тие ќе докажат дека нивните програмски определби се во интерес на демократијата во Република Македонија“.

„Како демократска држава мора да покажеме зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството. Истите мора да се решаваат по институционален пат“.

Иванов во изјавата им дава поддршка и на медиумите.

„Улогата на медиумите во демократското општество е да укажат на сето она што ги нарушува демократските процеси и е против интересите на граѓаните и државата. Во остварувањето на оваа улога ја имаат мојата целосна поддршка“.

Од 31 јануари, кога премиерот Груевски излезе со тврдење дека е спречен обид за државен удар во Македонија, предводен од претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Иванов не излезе со став за случувањата во државата.

И покрај тешките обвинувања од Груевски, Иванов тогаш не го свика ниту националниот Совет за безбедност.

Неговиот кабинет единствено кусо реагираше по обвинувањата од владејачката ДУИ поради смената на заменикот-директор на Агенцијата за разузнавање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми