1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Меѓународна ревизија утврдила пропусти на патот „Струма“

ДТЗ
2 декември 2021

Новите моменти од истрагата укажуваат дека се гледале траги од истекување гориво на 300 метри пред излетувањето на македонскиот автобус на патот „Струма“.

Bulgarien | Busunfall
Фотографија: BGNES

Невладиниот бугарски Институт за безбедност на патиштата укажува дека и меѓународен ревизор кој извршил непристрасна стручна проверка на состојбата на патиштата пред несреќата на патот „Струма“, каде се запали македонскиот автобус, имал забелешки дека заштитните огради не се поставени во согласност со барањата. 

На подрачјето на сообраќајната несреќа се случиле бројни несреќи, при што биле оштетени заштитните огради. Во овој случај, имало повторно инсталирање на објектот во средната разделна лента. Од Институтот за безбедност на патиштата сугерираат дека на истото подрачје можеби имало и претходна сообраќајна несреќа. Приклучокот на заштитната ограда бил неправилно монтиран со две, наместо со четири завртки. Поради тоа, заштитната ограда се скинала и покрај малата брзина со која удрил автобусот. 

Само пред неколку дека бугарските медиуми јавија за уште една несреќа која што се случи на оваа делница. Патот „Струма“, кој според тамошните експерти не ги исполнува условите да биде автопат, е пуштен во употреба пред 20 години без Акт 16. Утврдено е и дека недостасуваат знаци и дека има оштетени ознаки. „Испратен е извештај и до Агенцијата за патна инфраструктура, а оваа информација треба да биде проверена од истражните органи на Бугарија“, укажуваат од невладината организација. 

Министерката за регионален развој на Бугарија,Виолета Комитова, деновиве на прес-конференција информираше дека предложиле поставување на светлечка сигнализација на сите места каде има места за одмор, заградени со заштитна ограда. Тие предлагаат краткорочни и долгорочни мерки до бугарското Министерство за внатрешни работи. Во план е и поставување рефлектори на секои 10-12 метри во самата заштитна ограда, како и замена на опасните заштитни огради, но само во спротивна насока.  

Нови моменти од истрагата 

Таа за медиумите обелодени нови моменти од истрагата. Вели дека траги од истекување гориво се гледаат на 300 метри пред излетувањето на македонскиот автобус на патот „Струма“. Увидот кој го направија бугарските надлежни институции покажа дека има проблеми и со обележувањето на патот, кој не е завршен, како и со заштитните огради, кои не се заменети веќе 20 години според нови стандарди. Спорна е и дозволена брзина на коловозот, која првично била 90 километри на час, но од 2013 година е зголемена на 120 километри на час.  

Минатата недела бугарските истражни органи посочија дека главна причина за несреќата е човеки фактор, а како дел од причините беа наведени и лошите ознаки на патиштата, организацијата на сообраќајот и сигнализацијата на автопатот. 

Заврши идентификацијата 

Во несреќата на патнички автобус со скопски регистарски таблички, што се случи на 23 ноември на патот „Струма“, близу градот Перник, загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени. Туристичкиот автобус, во кој главно имало македонски државјани, се запали ноќта меѓу 22 и 23 ноември на враќање од Истанбул во Скопје.

-повеќе на темата: Инспекторите влегоа во „Беса Транс“, се вршат претреси и на други локации

Повредените патници деновиве беа пренесени во Скопје, дел од нив се лекuваат, а дел се пуштени дома. Во меѓувреме заврши идентификацијата на сите 45 жртви од автобуската несреќа на автопатот „Струма“. Тие со два воени транспортни авионa утре изутрина од Бугарија ќе бидат транспортирани во Северна Македонија, најави бугарскиот амбасадор во РСМ, Ангел Ангелов.

„Бугарската страна ќе обезбеди два воено-транспортни авиона со кои утре изутрина ќе бидат транспортирани останките на загинатите во сообраќајната несреќа“, вели Ангелов.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми