1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Мицкоски ја препознал новата можност, но како?

25 декември 2017

Ако еден ден се запраша зошто вака се одвиваат „македонцките“ или партиските работи, нека е свесен- тој прв ја пропушти шансата навреме да си го постави клучното прашање: Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Добар човек, стручен во својата професионална област, културен, некомпромитиран... Овие епитети се слушнаа викендов по изборот на единствениот кандидат за  претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.  И тоа веројатно е така, ако се зборува за таткото, сопругот и професорот од Машинскиот факултет.

Но, начинот на кој Мицкоски беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ отвори многу други прашања, кои го надминуваат претходниот опис на фин, образован, семееен и богоугоден човек, чија прва јавна постизборна активност беше молитва пред иконата на Пресвета Богородица „Брзопослушница“ (наречена така бидејќи брзо ги услишувала молитвите на верниците)...

Денес во партиската база токму Мицкоски го сметаат за „брзопослушник“, но не во религиозна, туку во политичка смисла, пред се, во односот со, и кон Груевски. Иако Мицкоски де јуре дојде на претседателската функција, засега нема ниеден валиден доказ дека Груевски де факто заминал од неа. Дури и на официјалната веб-страница на партијата, Мицкоски утрово сѐ уште фигурираше како Генерален секретар, а под графата „претседател“ и натаму стоеше името на Никола Груевски. Поразително, ако се има предвид дека страницата веќе претрпела интервенции, со оглед дека текстот за „претседателот“ е апдејтиран и со наслов „Никола Груевски - почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ“.

Повеќе на темата: 

Најголема демократска и делегатска ерозија во историјата на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ пред тежок избор: Христијан или Мицкоски?

Она што Мицкоски во старт најдлабоко го искомпромитира во политичка смисла, е начинот на кој ги одмолчи и прифати недемократските стандарди за организирање и одржување на 16. вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Па дури и на така организиран Конгрес, тој можеше да иницира квалитативен пресврт и да направи демократски „бум“. Можеше ли Мицкоски, на пример, да излезе на говорница и да каже: „Почитувани браќа и сестри, почитувани сопартијци, не сакам да бидам избиран на Конгрес на кој се присутни 411 делегати, а 133 не. Тоа во старт укажува дека постои недоверба во демократските стандарди на Конгресот, а во такви услови не можеме да зборуваме за единство и за обединување. Ако верификацијата на мандатите се прави првиот ден, молам Верификационата комисија да објасни како од 411 делегати вториот ден бројката стигна до 438? Не сакам да бидам избиран на Конгрес каде делегатите можеби под нечиј притисок дополнително се повикуваат и се верификуваат надвор од процедурата. Се сметам за демократ, и не сакам Конгрес од севернокорејски тип, каде на гласачкото ливче пишува само „1. Христијан Мицкоски“ и ништо друго. Не сакам да бидам избиран во процедура, која освен „за“, не предвидува „против“. Сакам демократски избор, со слободна и јасно изразена волја на моите сопартијци“.

Мицкоски беше единствен кандидат за лидерската позиција во ВМРО ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski

Мицкоски ништо од ова не кажа. Не ни помисли да каже. Изнаслуша куп налози од Груевски како итно треба да расчисти со оние кои направиле „предавство“, со назнака - претходно да го провери тоа. Па ако длабинската анализа досега не го проверила и утврдила тоа, како Мицкоски се согласи во своето обраќање да го одмолчи тој факт? А можеше, на пример, да рече: „Му благодарам на почесниот претседател за сите сугестии, но не прифаќам нашите сопартијци без докази да бидат обвинувани за предавства. Во време кога се залагаме за независно и неселективно судство, поразително е во нашите редови да ги оживуваме 'преките судови'“.

Особено можеше, и МОРАШЕ да го рече следново: „Во контекст на спорот за името, најенергично ја отфрлам срамната споредба на Македонија со разголена студентка која во студентски дом чека некој студент (Грција) да ја препознае новата можност“. Неприфтливо е таква срамна споредба за нашата држава да се прераскажува од партиски претседател и децениски премиер. Најенергично ја отфрлам таквата споредба и како универзитетски професор, и нема да дозволам студентската популација, тој иден општествен капитал на Македонија, да биде злоупотребуван во навредлив, дискриминирачки и сексистички говор“.  

Да го кажеше сето ова Мицкоски во обраќањето на Конгресот, верувам дека и оние, над 100 делегати кои одбија да дојдат, ќе дотрчаа во Валандово, со акламација ќе го избраа за претседател, но и повеќе од тоа - во старт ќе го прогласеа за веќе изграден лидер.

Вистински демократ би направил така. Мицкоски ништо од тоа не направи, со што се легитимираше токму како човек кој влегол во кабинетот на Груевски и „ја препознал новата можност“ за дофат на претседателската фотелја: со климање глава, лојалност, слепа послушност, апологетство...

Па ако еден ден се запраша зошто вака се одвиваат „македонцките“ или партиските работи, нека е свесен дека тој прв ја пропушти шансата навреме да си го постави клучно прашање: Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми