И ММФ ќе и‘ даде милијарди евра на Грција
10 март 2012Генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард изјави дека фондот сака да учествува со 28 милијарди евра во кредитот од 130 милијарди евра наменет за Грција.
Лагард истакна дека „давањето поддршка од страна на фондот е одраз на нашата подготвеност да останеме ангажирани во помагањето на Грција“.
Во овие 28 милијарди евра најверојатно се вклучени и 10-те милијарди, кои останаа од првиот спасувачки пакет за Грција во износ од 110 милијарди евра.
Таа нагласи дека управниот одбор на ММФ следната недела ќе одлучи конечно за учеството на фондот.
Лагард додаде дека новата кредитна линија ќе биде за рок од четири години, а рокот за враќање на кредитот ќе биде максимум 10 години.
Претходно, министрите за финансии на еврозоната по успешниот договор за отпис на грчкиот долг од страна на приватните доверители, даде зелено светло за дел од пакетот помош од 130 милијарди евра. Во телефонска конференција министрите се договорија за учество со 30 милијарди евра како поддршка на отписот на долговите и 5,5 милијарди евра за израмнување на истечените камати. Зелено светло за комплетниот пакет помош треба да биде дадено на почетокот на следната недела, на министерската средба во Брисел.
Со доброволното откажување од побарувањата на приватните доверители на Атина, грчкиот долг, кој изнесува околу 360 милијарди евра, се намали за нешто повеќе од 105 милијарди евра. Банките, осигурителните компании и фондовите старите грчки обврзници ги заменуваат за нови со помала вредност и подолг рок.
Отписот на долговите важи како предуслов за стабилизирање на грчкото стопанство, иако пред Грците стојат уште многу предизвици.
Новите опасности се закануваат од финансиските пазари. ИСДА, Меѓународното здружение за деривати во Лондон, отписот на долговите го рангираше како технички банкрот. Со тоа се активираат клаузулите во случај на неможност на исплаќање на кредитот, со кои вложувачите се осигураа од грчки банкрот. Волуменот на средствата по оваа основа се проценува на околу три милијарди евра, а ќе профитираат пред се‘ хеџ-фондовите.
Нејасно е какви последици ќе има одлуката на ИСДА. При банкротот на американската инвестмент банка Лиман Брадерс во 2008 година, осигурувањата во случај на неможност за враќање на кредитот преку домино ефект предизвикаа големи турбуленции на финансиските пазари.
Автор: ЖА/ЕМФ/двфа/дпа/ртре
Редактор: Е. Милошевска Фиданоска