И оздравените треба да се вакцинираат против Ковид-19
Александер Фројнд
14 мај 2021
Не веднаш, но вакцина се препорачува и за оздравените од коронавирусот со цел што подолго да имаат имунолошка заштита.
Реклама
Над 160 милиони луѓе во светот се заразени со САРС-КоВ2. Во Германија има 3,5 милиони потврдени случаи, од кои над 90% односно 3,2 милиони се оздравени. Ова покажува колку и понатаму ќе биде голема потребата од вакцинирање ширум светот.
Со оглед на недостатокот на вакцини, оздравените не се меѓу приоритетните групи за вакцинација, но вакцинацијата има смисла и за нив со цел што подолго да ја задржат природно стекнатата имунолошка заштита.
Добра заштита веднаш по корона-инфекцијата
По заразувањето со корона, оздравените брзо развиваат привремена заштита од нова зараза. Според една австриска студија (https://onlinelibrary.wiley.com/doi/full/10.1111/eci.13520 ) објавена во стручниот „Европски журнал за клинички студии“ можноста за реинфекција е помала за 91% во првите пет до шест месеци. Тоа е приближно исто како и по вакцинирање со високо-ефикасните вакцини.
Сепак бројот на антитела, таканаречениот хуморален имунолошки одговор кој спречува навлегување на вирусот со тек на време опаѓа, особено кај оние со полесна клиничка слика. За среќа нашиот имунолошки систем има и втор имунолошки таканаречен клеточен одбранбен систем. Овие таканаречени Т-клетки се дел од групата бели крвни зрнца и имаат мемориски елемент кој се активира веднаш кога повторно ќе дојдат во контакт со коронавирусот.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Вакцина најрано по шест месеци
За да не се предизвика прекумерна имунолошка реакција и со оглед на тоа дека се уште нема доволен број вакцини, докторите препорачуваат оздравените да примат вакцина најрано по шест месеци од оздравувањето.
Имунолошката реакција по вакцинирање е многу посилна кај оздравени отколку кај оние кои не биле заразени. Ова воопшто не е зачудувачки објаснува вирологот Сандра Чисек во подкастот за НДР.
„Имунолошкиот систем е подложен да учи, а кај оздравените телото веќе имало контакт со патогенот и го познава,“ вели Чисек. Поради тоа по вакцината имунолошкиот систем кај овие луѓе многу побрзо и посилно се активира.
За оздравените една доза е доволна
Вакцините кои се сега достапни се ефикасни само доколку се примат по две дози, освен вакцината на Џонсон и Џонсон од која е доволна само една доза. Но, кај оздравените ситуацијата е поинаква. Со оглед на тоа дека нивното тело веќе го познава коронавирусот, кај нив е доволна само една доза. Таа ќе делува само како засилувач на имунитетот, особено на Т-клетките.
И Роберт Кох Институтот и германската надлежна комисија СТИКО ги ажурираа препораките за оздравените - сосем е доволна една доза најрано шест месеци по болеста.
„Поради стекнатиот имунитет само една доза вакцина е доволна за засилување на имунолошкиот систем. За оздравените се препорачуваат сите одобрени вакцини."
Потребна редовна годишна вакцинација против корона?
Нашиот имунолошки систем различно реагира на различни патогени. Откако еднаш ќе преболите сипаници не можете повторно да се заразите од нив. Една вакцина против голема кашлица или жолта треска е доволна за заштита цел живот.
Ситуацијата е поинаква кај вирусите на грип кои постојано се менуваат па луѓето со послаб имунитет мора секоја година да се вакцинираат за да се заштитат.
И коронавирусот се покажа дека е комплексен и подложен на промени како што гледаме од бројните мутации. Оттука следните неколку години ќе ни покажат дали ќе има потреба од редовна годишна вакцинација или ќе биде доволна вакцина во интервали од неколку години.