1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И повторно се заканува Грегзит

Кристоф Хаселбах
14 февруари 2017

Во изминативе години често се чинеше дека Грција ќе биде принудена да ја напушти еврозоната. Досега тоа беше избегнато, но во време на подем на десничарскиот популизам, ситуацијата може да стане сериозна.

Grexit-Energydrink
Фотографија: Reuters/W. Rattay

Ситуацијата со години е непроменета: презадолжената грчка држава е хронично без пари. На Грција ѝ се заканува банкрот и напуштање на заедничката европска монетарна унија. Грчките владини претставници и доверителите се закануваат, преколнуваат, се караат до последна минута и на крајот- кредиторите сепак даваат пари. Последен пат така беше во летото 2015. година, кога на Грција ѝ беше одобрен третиот пакет финансиска помош во вредност од 86 милијарди евра. Тој истекува веројатно до крајот на 2018. година. Одделните транши од кредитот се исплаќаат меѓутоа само ако Грција ги исполнува зададените услови- односно ако ги спроведе реформите и мерките за штедење.

Но токму во тоа е и проблемот. На лето Грција моа да исплати кредитна рата од преку шест милијарди евра. Тие пари Атина нема да ги има, доколку не ѝ пристигне нова помош. Но дали и овојпат ќе ја добие?

Фотографија: Getty Images/M.Cardy

Важни избори во Европа

Две работи сега се поинакви отколку во поранешните случаи. Во претходните пакети за помош учествуваше и Меѓународниот монетарен фонд, но овој пат не сака тоа да го стори. „Не веруваме дека Грција може да го издржи  товарот од долгови“, изјави директорот на ММФ за Европа, Пол Томсен. Со други зборови, ММФ бара на Грција (повторно) да ѝ се отпише барем дел од долгот. А тоа во прв ред би требало да го направат другите земји од еврозоната- и тука е таа втора разлика. Ниту порано не владееше воодушевување и солидарност со грчката држава, која упорно троши повеќе отколку што штеди и тоа веќе беше аргумент за популистите од десниот спектар. А тие сега повикуваат на борба и се против цела ЕУ. Оваа година се одржуваат избори во неколку важни земји од Унијата и помошта за Грција само ќе им даде крилја на популистите. Во Холандија Герт Вилдерс и  во Франција Марин Ле Пен сакаат нивните земји да ја напуштат еврозоната, а и во Германија тоа „буре без дно“ како што сметаат многу граѓани, е опасна тема. Затоа и Маркус Вил, професор по економија од швајцарскиот универзитет Ст. Гален смета дека тие земји нема ни да тежнеат кон некое решение за Грција пред да завршат нивните избори.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле и партиските колеги на Меркел, христијанските демократи, веќе се во модусот на изборната кампања. Во телевизискиот настап Шојбле  од Грција повторно побара нови реформи и мерки на штедење, во спротивно Грција „не може да остане во еврозоната“. Германскиот министер критикуваше дека Грција „сака да си дозволи повисок стандард на живеење отколку што економски го остварува“.

Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

(Пре)голем предизвик за Европа?

Во тоа мислење Шојбле не е осамен во Европа: холандскиот весник „Волкскрант“ бара Грција веднаш да се принуди да се врати на својата драхма. Дури и така е малку веројатно дека некогаш ќе ги врати своите долгови, но холандскиот весник констатира оти „нашите пари се и онака прокоцкани“ и дека избирачите на Запад „полесно ќе го поднесат тоа“ ако е извесно оти Грција „привремено ќе ја напушти еврозоната“.

Кандидатот на германските социјалдемократи Мартин Шулц за канцелар по ова прашање не може да излезе од својата кожа како поранешен претседател на Европскиот парламент. За весникот „Велт“ предупреди дека „оние кои  поддржуваат Грегзит, си играат со расцепување на континентот. Тоа е можеби во интерес на Доналд Трамп или Марин Ле Пен, но сигурно не е во интерес на Германија и на Европа“, вели Шулц. И претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ја фали Атина и вели оти „ниту една земја не направила поголеми реформи од Грција“.

Грчкиот премиер Алаксис Ципрас секако со задоволство ги слуша таквите пофалби, а ја повика и германската канцеларка Меркел да го „смири“ својот министер за финансии, бидејќи тој покажува „перманентна агресивност“ кон Грција. Но и на грчкот премиер неговите избирачи му се на врат: кога пред малку повеќе од 2 години дојде на власт тој беше „страв и ужас' за сите доверители, бидејќи се противеше Грција и натаму да спроведува мерки на штедење.  Но сега сепак ги спроведува. Последна во редот мерки беше зголемувањето на даноците, кое стапи на сила на почетокот на годинава.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Ochoa de Olza

И опозицијата бара отпис на долгот- само попристојно

Секако дека тоа не помогна за неговата популарност кај Грците. Тие сега и против него редовно излегуваат на улиците, демонстрираат и штрајкуваат. Конзервативната опозиција во меѓувреме ја престигна партијата на Ципрас според популарноста. Новиот лидер на партијата Неа Демократија на почетокот на неделава беше и кај Ангела Меркел. Додуша, токму таа партија заедно со социјалдемократскиот Пасок, кои владееја во Грција со децении, и ја одведе земјата во толку голема криза. И на Мицотакис во Берлин единствено му преостана да бара ново простување на долговите- можеби на малку попристоен начин од Ципрас.

Не само германскиот министер за финансии, туку и другите кредитори бараат од Грција нејзиниот буџет „да биде во плус“ и тоа трајно и во значителен износ од 3,5%. Ципрас смета дека тоа е едноставно невозможно, но и Мицотакис тврди дека „можат да се најдат малку стручњаци кои веруваат оти тоа може да се постигне“. Опозицискиот лидер смета дека можеби би можело да се постигнат 2% поголеми државни приходи, но тука е крајот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми