1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот за Грција: поддршка и скепса во Германија

З. Јордановски/дпа/афп/ртре13 јули 2015

Постигнатата согласност на самитот на еврозоната поздравена во германската политика, но со критики за Меркел и Шојбле. Во стопанството преовладува скепса.

Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Канцеларот Ангела Меркел не се сомнева дека во Бундестагот ќе добие поддршка за постигнатата согласност да се започнат нови преговори со Грција за трет пакет финансиска помош. Меркел на крајот од 17-часовниот преговарачки маратон во Брисел изјави дека „со целосна убеденост ќе му препорача“ на парламентот да даде зелено светло за преговорите. Според Меркел, Бундестагот ќе биде свикан дури откако Грција ќе ги изврши преземените обврски што треба да ги реализира до среда. Таа уште нагласи и дека не размислува во врска со претстојното гласање во Бундестагот да го постави и прашањето за доверба во неа.

Ангела Меркел очекува поддршка во Бундестагот за помошта за ГрцијаФотографија: Reuters/P. Wojazer

СПД и Зелените ќе го поддржат договорот, Левицата го отфрла како „уцена“

А токму тоа го побара шефот на фракцијата на Зелените Антон Хофрајтер, со оглед на навестуваниот отпор од сопартијците на Меркел од Унијата - ЦДУ/ЦСУ. Тој најави дека неговата партија ќе даде согласност во Бундестагот, ако со третиот пакет се предвидува „долгорочно и одржливо решение за Грција“, но напомена и дека „грчката влада мора за возврат да спроведе сериозни реформи“.

Партијата на Левицата и’ препорачува на грчката влада да откаже поддршка на договореното во Брисел: „Кој на референдум беше за ’не‘, отфрлајќи натамошни диктати за штедење, не може сега да каже ’да‘“, се вели во заедничка изјава на Сара Вагенкнехт и Дитмар Барч, идни шефови на фракцијата на Зелените. Тие ги критикуваат Меркел и министерот за финансии Шојбле дека „натамошно безмилосно ја уценуваат“ грчката влада, наместо да го прифатат изјаснувањето на грчкиот народ. Иако, и покрај критиката, Левицата досега гласаше во прилог на помошта за Грција, овојпат се очекува дека ќе се изјасни против поради условите за евентуалниот трет пакет.

Партијата Алтернатива за Германија и’ префрли на Сојузната влада дека ги мами граѓаните во врска со спасувањето на Грција: Меркел и Шојбле им зборуваат на германските даночни обврзници дека нема веќе да фрлаат пари во грчкото буре без дно, а на друга страна го прават токму тоа, изјави Јерг Мојтен, втор претседател на партијата.

Левицата ќе гласа против-Барч и ВагекнехтФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Владиниот коалиционен партнер СПД ја поздрави постигнатата согласност: „Добро е дека се бара заеднички пат во еврозоната“, оцени Ралф Штегнер, потпретседател на партијата. Тој истовремено упати и критика: „Грешеа сите кои велеа дека грекзит би било подобро решение“, алудирајќи на министерот Шојбле. Социјалдемократите велат дека на крајот сепак во прашање било единството на Европа: „Патот е уште долг. Но, ова е добар знак за Европа, дека ерозијата сега нема да напредува“, рече Штегнер.

Реакции од стопанството: Само ќе бидат фрлени во оган натамошни пари

Во стопанството повеќе преовладува скепса, придружена и со критика. „Европските даночни обврзници уште еднаш беа принудени со многу пари да се купи малку време. Ова е одолговлекување на стечај. Грција никогаш нема да може да ги отплати своите долгови. Само ќе бидат фрлени во оган натамошни пари“, оцени Луц Гебел, претседател на Здружението на претпријатија во семејна сопственост.

Сојузното здружение на јавните банки побара од владата во Атина да ги спроведе договорените реформи: „Секоја натамошна несигурност дополнително ќе го слабее еврото“, рече Лиане Бухолц, главен извршен директор на здружението.

Фотографија: Reuters/R. Orlowski

Економистите предупредуваат: „Прерано е постигнатата согласност да се гледа како успех. Ова е само прв чекор да се запре надолната економска спирала на Грција“ - оцени Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања. „Кравата уште е врз мразот, само мразот стана подебел“, сликовито се изрази Холгер Шмидинг од Беренгер-банката. Јирген Михелс од покраинската банка БаернЛБ и натаму смета дека е поголем ризикот Грција да се прости од еврото, отколку шансите да остане во монетарната унија: „Ќе биде неверојатно тешко во Грција да се спроведат неодложните мерки, како и реформите што треба да уследат потоа. Заклучокот од тоа гласи: грекзит не денеска, туку подоцна“, рече Михелс.

„Еврозоната е длабоко поделена“, забележува Јерг Кремер, главен економист на Комерцбанк: „Германија и северноевропските земји сакаат монетарна унија според договорот од Мастрихт, кој полага врз солидни државни финансии, пазарно стопанство и независна централна банка. Јужните земји предводени од Франција, напротив, сакаат монетарна унија без консеквентни буџетски правила и централна банка која ќе игра како што и свират политичарите“, вели Кремер.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми