1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

И политичарите ќе чекаат ред за вакцинација

ДТЗ
30 март 2021

Претседателот Стево Пендаровски порача дека сликите од вакцинацијата во Србија не смеат да се повторат, бидејќи тоа е срам за државата.

Nord-Mazedonien | Stevo Pendarovski, Staatspräsident
Фотографија: The Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Поминуваме низ најсилната фаза на пандемијата во С. Македонија. Капацитетите на здравството максимално се оптоварени. Државата мора да ги искористи сите ресурси за сите да добијат навремена заштита. Не смее да се дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на лекување, порача претседателот Стево Пендаровски по денешната 12. седница на Советот за безбедност на која присуствуваше и министерот за здравство, Венко Филипче. Пандемијата со Ковид-19 и актуелната состојба во земјата беа главна тема на состанокот. Пендаровски порача дека вакцинирањето коешто ќе започне од утре, мора да се спроведе во најдобар ред и така да остане до целосна имунизација на населението. Прекини во процесот не смее да има.

Стоп за профит од лични трагедии

Претседателот на државата е дециден дека не смеат да се повторат ниту сликите какви што можеа да се видат за време на викендов, кога илјадници граѓани од земјата поитаа да се вакцинираат во соседна Србија. Тој се заблагодари на Србија за понудената помош, но смета дека државата треба да им обезбеди заштита на граѓаните.

Србија: Вакцина за доверба

01:57

This browser does not support the video element.

„Такви слики едноставно не може да се повторат. Благодарност до Србија, но тоа беше срам за нашата држава. Едноставно државата мора да пружи здравствена заштита тука. Точно е дека се потпиравме на Ковакс кој задоцни 2 месеци, точно е дека верувавме во Солидарниот фонд на ЕУ, точно е дека од 5 најбогати членки на ЕУ ниту една нема вакцинирано ниту 5% од населението, точно е дека според СЗО околу 80 проценти од вакцините се распоредени во 10 земји во светот. Но, тоа нашите граѓаните не ги интересира“, вели Пендаровски.

-повеќе на темата: Викенд во Белград, бесплатна вакцина

На ваквата остра изјава на Пендаровски реагираше министерот за здравство Венко Филипче, кој истакна дека е изненаден од изјавата на претседателот Пендаровски и оти сликите од Србија не се срам, туку се е одраз на солидарност во услови на криза.

„Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја. Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре. Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана“, истакна Филипче

Пендаровски пак во своето обраќање потенцираше  дека политичарите мора да дадат пример и за почитувањето на мерките. „Само така ќе имаме образ тоа да го побараме и од граѓаните“, изјави претседателот пред Вилата Водно, по завршувањето на состанокот на Советот за безбедност.

За да нема сомнеж за злоупотреби, на Советот за безбедност е договорено функционерите да се пријават за вакцинација преку сајтот на Министерството за здравство и да се вакцинираат тогаш кога ќе им дојде редот како и сите останати граѓани. Шефот на државата апелираше до приватните болници да ги намалат цените за лекување на ковид-пациенти и им порача дека никој не треба да ги искористува личните трагедии за профит. Доколку имунизацијата не оди како што треба, рече дека идните денови јавно ќе ги посочи одговорните.

Вирусот широко распространет – нови мерки нема

Состојбата со Ковид-19 во земјата беше тема и на денешната средба на министерот за здравство, Венко Филипче со директорите на ковид центрите и претседателот на Комисијата за заразни болести. Според анализите на епидемилозите, нема потреба од воведување на нови дополните рестриктивни мерки, бидејќи се смета дека тие не би дале резултат со оглед на тоа што се наоѓаме на крајот на активноста, на респираторниот вирус, односно на 6 до 8 недела од третиот бран.  Тоа, според епидемиолозите значи дека вирусот има широка инфекција на територија на цела држава, но од друга страна во сите болници во државата има слободни кревети.

-повеќе на темата: В среда започнува имунизацијата - што треба да знаете пред да се вакцинирате?

„Болничките капацитети за прием на ковид пациенти за разлика од ноември се зголемени за 50%, а зголемена е и потребата од хоспитализација на пациенти што бара сериозен пристап и координација која успешно се менаџира.

Стотина кревети дополнително се подготвуваат и во секој момент доколу е потребно може да се стават на располагање за прием на ковид болни“, соопшти Министерството за здравство. На состанокот станало збор и за достапноста на болничката терапија за ковид пациентите кои се хоспитализирани. Надлежните тврдат дека доставата на терапијата оди тековно и нема застој.

Моментално во Македонија е во сила полициски час од 22 часот до 5 часот наутро. Вакцинацијатасо АстраЗенека ќе започне утре. Први на листата се лица над 75 години. Следната недела ќе се вакцинираат и полицијата, војската, новинарите, судиите, возачи и други категории граѓани.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми