1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И протестите се општокорисна работа

Катерина Блажевска25 мај 2016

Иако законски не е така регулирано, протестите се суштинска форма на општокорисна работа. Учесниците во нив не треба да бидат казнувани, велат соговорници на ДВ

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Не плаќајте казни, прифатете општокорисна работа, бидејќи демократските протести во својата суштина се токму тоа. Ќе продолжиме да протестираме за општа корист. Вакви повици стигнуваат до јавните личности кои деновиве „по список“ се повикуваат на информативен разговор во полицијата, поради наводни прекршоци извршени за време на протестите на „шарената револуција“. Претседателот на Хелсиншкиот Комитет (ХК), Гордан Калајџиев, поради фрлање боја на еден од објектите на „Скопје 2014“ се соочи со казна од 50 евра во денарска противвредност или со извршување општокорисна работа. Денеска по информативниот разговор во 9 часот, можеби пред сличен „избор“ ќе бидат ставени и директорката на ХК, Уранија Пировска и професорката Мирјана Најчевска. Од #Протестирам најавија поддршка за нив во 8.45 часот пред полициската станица „Беко“.

Фотографија: Petr Stojanovski

Во согласност со Правилникот

Според Правилникот на Управата за санкции, „општокорисна работа се извршува во државни органи, јавни претпријатија, установи, единици на локална самоуправа и во други субјекти, во кои може да се оствари нејзината цел. Таа треба да биде хуманитарна, еколошка, комунална и во корист на општествената заедница“. Учесниците во „шарената револуција“, тврдат дека протестите ги исполнуваат сите овие услови - и според целта, и според маршрутата до конкретните државни институции.

„Учесниците во протестот се борат за хумано општество, за еколошки исчистено од криминал и корупција, а притоа комунално го разубавуваат градот од неокласицистичкиот кич во кој западнаа неговите фасади“, велат од #Протестирам.

Аналитичарот Суад Мисини деновиве го истакна примерот со новинарка од Азербејџан, казнета со извршување општокорисна работа - метење на јавно место, со цел јавно да биде понижена поради нејзината критичка опсервација на власта. На тој чин, интелектуалната јавност одговорила со тоа што масовно и се придружиле во извршувањето на „општокорисната работа“. Обидот јавно да биде понижена, не ја постигнал целта. Напротив - станал предмет на масовно иронизирање на таквата казна.

„Да, и протестите, колоквијално, би можеле да се сметаат за работа во општа корист“, вели професорот по филозофија, Љубомир Цуцуловски.

„Особено ако се насочени против статус-кво кое е лошо, од една страна, и од друга страна, ако се исцрпени најголениот дел од можностите постоечката ситуација да се промени низ институциите. Иронично кажано, тие ја вршат својата општокорисна работа, макар што законски не е така регулирано. Инаку, казнувањето за протести во кои е предизвикана одредена материјална штета, не е непознато и за земји со висок степен на демократија“, вели Цуцуловски.

Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Kако пример за тоа го посочува случајот со Чарли Гилмор, син на гитаристот на „Пинк Флојд“ ,Дејвид Гилмор. Овој студент од Кембриџ, во 2011 година бил осуден на казна затвор во траење од 16 месеци за насилничко однесување на демонстрации во Лондон, бидејќи го искинал националното знаме закачено на споменикот на британските жртви од војните. Ослободен бил по четири месеци, со обврска половина од вкупната казна да ја помине во домашен притвор.
„Младиот Чарли бил казнет, без оглед што неговиот татко беше прогласен за 'сер' од британската кралица. Но, тоа не значи дека таквата практика треба да се применува и кај нас. Се што доаѓа од Западот не значи по автоматизам дека е во ред“, смета Цуцуловски.

Цивил: Да престанат притисоците!

Во демократската јавност со потсмев гледаат на основите за казните што ги изрекува полицијата. Откако Калајџиев беше казнет врз основа на член од Законот за јавна чистота, ирионично се поставува прашањето зошто не ги казнуваат учесниците во протестот за „непоминување на пешачки премин“, односно за движење по средината на улиците, за „нарушување на јавниот ред и мир“ со оглед дека произведуваат повеќе децибели од законски дозволениот максимум, за казни поради блокирање на сообраќајот или (според законот за јавна чистота) за фрлање отпадоци во форма на згужвани слики и карикатури на државни функционери. Со ваквите примери се обидуваат да го потенцираат апсурдот на полициските казни кога станува збор за јавни протести.

„Фрлав боја и ќе фрлам се додека не ве исфрлиме од институциите кои што ги окупиравте!“, му порача вчера Пировска преку Фејсбук на министерот Чавков и началниците.

Најчевска обелодени дека не знае за каков прекршок е повикана на разговор.

„Во поканата не се спомнува ни за кој прекршок станува збор. (...) Едвај чекам да видам како понатаму ќе се развие оваа покана. Станува прилично напнато и секој пресврт може да биде интересен“, напиша таа.

„Цивил“ - Центар за слобода вчера ги осуди сите постапки со кои се газат слободата на изразување и правото на протест и изрази солидарност со сите активисти за човекови права кои се под репресија на власта.

„Со години наназад, 'Цивил' гласно бара од власта да престане со политичкиот прогон на неистомислениците и ги повикува институциите да се ослободат од партискиот диктат и да престанат да бидат алатка на моќниците за остварување на теснопартиски и лични интереси. „Цивил“ го осудува притисокот кој се врши врз активистите, интелектуалците и новинарите кои со своите ангажмани придонесуваат кон надминувањето на политичката криза и враќањето на демократијата и владеењето на правото. 'Информативните' разговори на кои се повикани Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска и професорката Мирјана Најчевска, раководителка на Центар за човекови права и разрешување конфликти, претставуваат уште еден во долгата низа притисоци и закани врз активистите за човекови права“, оцени „Цивил“ и уште еднаш побара ослободување на сите лица против кои се води политички монтиран процес.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми