1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И се клати ли фотелјата на Ангела Меркел, лидерот на германската опозиција?

19 октомври 2004
Ангела Меркел
Ангела МеркелФотографија: AP

Подобрувањето на конјунктурата во Германија е само еден од факторите за постепено опоравување на владеачката коалиција во Берлин. Од полза на социјалдемократите и на Зелените им е секако и актуелната криза кај партиите на опозицијата, која изби по кавгата прво околу програмските цели, а подоцна и околу кадровската политика. Деновиве зачестија и гласовите дека против шефот на Христијанско демократската Унија, Ангела Меркел, дури се води и задкулисна борба за да се оспори нејзината потенцијална кандидатура за канцеларски кандидат на опозицијата на следните парламентарни избори во 2006-та.

“Кај што има чад, има и оган“ – вели старата народна поговорка и секако е во право. Не попусто изминативе два три дена се намножија гласови од највисоки функционери на Христијанско демократската Унија, ЦДУ, дека претседателката Ангела Меркел цврсто седи во седлото и дека сите можни обиди за слабеење на нејзината позиција како лидер на опозицијата ќе останат безуспешни. Попусто уверувањата на двајцата потпретседатели, попусто и тврдењето на самата Меркел по вчерашната редовна седница на партиското Претседателство:

“Се чувствувам добро поддржана!“

Дури и гласот на Ангела Меркел на вообичаената прес- конференција по седницата повеќепати речиси се изгуби, а таа не успеа да го сокрие ни лошото расположение. Задкулисната партиска кујна сепак врие и ретко кој се сомнева дека е без подлога изјавата на премерот на покраинската влада за Тирингија, Дитер Алтхаус, исто од ЦДУ, оти политичарите од западот и југот на Германија кројат завера против шефот на партијата. Немажената источно Германка, згора на тоа уште и од протестантска вероисповед, веќе подлого време им е трн во окото на угледните конзервативни политичари од католичкиот југ на Германија.

Во прилог на тезата за задкулисна интрига зборуваат едноставно премногу факти. Прво дојдоа тешките кавги со сестринската Христијанско социјална Унија, кои се развија до ниво на прашање на моќ меѓу двајцата претесдатели, Ангела Меркел и Едмунд Штојбер. Потоа дојде оставката на експертот на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ задолжен за финансиски прашања, Фридрих Мерц. Него Меркел го потисна од функцијата шеф на парламентарната група по загубените избори во 2002-та, давајќи јасно до знаење оти таа претендира на канцеларската кандидатура на наредните избори.

По ваквиот удар од зад грб, вчера уследи уште еден, од друг угледен политичар на ЦДУ. Меркел имено го замоли експертот на Унијата за надворешна политика Волфганг Шојбле да го преземе ресорот на Мерц, но тој ја одби. И тоа не без причина: Меркел го потисна Шојбле дури од позицијата шеф на партијата во 2000-та година, повикувајќи ги христијанските демократи да се дистанцираат од наследството на партискиот патријарх Хелмут Кол, кој пак потона во аферата со нелегални партиски донации. На Хелмут Кол, пак, канцеларот на германското повторно обединување, Меркел има да му заблагодари воопшто за вртоглавиот политички успон по паѓањето на Берлинскиот ѕид. Кол беше најзиниот политички татко и ја издигна од анонимноста младата Источно Германка на почетокот од 90-тите години.

Структурата на моќ на Ангела Меркел во рамките на партијата очигледно се распаѓа, иако на директното прашање дали се уште се чувствува способна за владеење, таа одговара јасно и гласно:

Да!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми