Првата изгубена битка е кога пламенот на идеалот ќе згасне. Втората кога ќе станете рамнодушни. Третиот и најголем пораз доаѓа кога ќе заборавите за што сте сакале да се борите.
Реклама
Беше осуден на 14 години затвор. Со привремен прекин на казната надвор од затвор помина речиси 14 месеци. Во бегство беше од есента 2019 година. Уапсен е во Софија пред два дена. Неговото име е познато - Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ, по изборите во 2011 година. Имињата на оние кои му го овозможиле бегството, сѐ уште не се откриени.
Додека надлежните го подготвуваат барањето за негова екстрадиција, а јавноста лицитира дали Бугарија ќе ни го испорача или не, без одговор и натаму останува најважното прашање: како Игор Спасов избега од Македонија?
Ако почнува процес на филтрација во правосудството, овој случај е одличен пример за итна вивисекција. Во македонската политичка и правосудна практика досега продефилираа многу братучеди, кумови, шури и баџанаци. Шуро-баџанаковизмот, како што тривијално се нарекуваат роднинските спреги од интерес, распослани и поврзани на разни позиции во трите „одвоени“ власти, со години ја потврдуваат изреката дека сложни попови и во петок мрсат.
Во случајот со бегството на Спасов, под лупа требаше да се стави постапката на судии, а иако имаше таква најава, нема одговор дали тоа е направено од страна на Судскиот совет. Нема податок ни до какви сознанија дошло Обвинителството од Штип, кое требаше да оформи предмет за овој случај. Ако оформило.
Протести во Македонија
Протестите против полициската бруталност кои започнаа во Скопје се шират и низ други градови во Македонија. По насилствата и судирите со полицијата на првите протести кои се одржаа на 5 мај, останатите минуваат мирно.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Прв ден од протестите
Протестите на 5 мај започнаа неколку часа откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција објави нови аудио-записи од разговори меѓу владините функционери кои укажуваа на прикривање на убиството на Мартин Нешковски кое се случи на 5 јуни 2011 година, за време на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Правда за Мартин
Во првите часови од протестите демонстрантите успеаја да го пробијат полицискиот кордон и да дојдат пред влезот во владината зграда. Први кон влезот во зградата се упатија мајката и братот на Мартин Нешковски. Демонстрантите фрлаа со јајца кон владата и извикуваа „Убијци!“ и „Правда за Мартин“.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Ескалација на протестите
Во текот на вечерните часови започнаа и првите кошкања и помали судири со полицијата. Подоцна судирите ескалираа и полицијата интервенираше против демонстрантите користејќи и водени топови и солзавец.
Епилогот од протестите, според информациите од МВР; беа 38 повредени и 30-ина уапсени граѓани. Повеќе невладини организации тврдеа дека полицијата употребила брутална и несразмерна сила против демонстрантите. Министерката Јанкулоска и премиерот Груевски ја пофалија полициската акција, оценувајќи ја како професионална.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Владата во полициски обрач
На вториот ден од протестите демонстрантите се соочија со целосна блокада на владата од страна на масовни полициски сили. За да се избегнат инциденти, демонстрантите продолжија кон зградата на Собранието.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AA/M. Sulooca
Протести пред Собранието
Неколку илјади луѓе дојдоа на 6 мај пред Собранието каде побараа оставка од владата. Силни полициски сили веќе беа поставени пред зградата.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Уфрлени „провокатори“
Протестите минуваа мирно, но во текот на вечерта се појавија млади луѓе со качулки на главите кои почнаа да ја провоцираат полицијата. На социјалните мрежи се појавија гласини дека се работи за „провокатори“ кои сакаат да предизвикаат нови судири. Група демонстранти застанаа како „жив штит“ пред полицајците, за да ги заштитат од нападите.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Цвеќе и гумени бонбони за полицијата
На третиот ден од протестите, демонстрантите повторно се соочија со блокада пред владата, но и пред зградата на Јавното обвинителство. Протестите продолжија мирно и завршија пред Собранието. Демонстрантите на полицајците им делеа цвеќе и гумени бонбони- одговорајаќи на тој начин на шпекулациите дека на полицијата и било одобрено да користи гумени куршуми при евентуални судири.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
8 фотографии1 | 8
За полициски специјалец, како што беше Спасов, со имиџ на лица кои се во континутран тренинг за силна физичка и здравствена кондиција, тој се покажа како антипод на таа слика: со привремен прекин на казната надвор од затвор помин 14 месеци, заради потреба од разни здравствени третмани. Од што сѐ оледувал? Реално или фиктивно? Ги проверувал ли некој лекарските наоди или само ги аминувал?
Нема одговор, а тоа е клучно во случајот. Бидејќи, покрај тоа што судии му одредувале на Спасов прекин на издржувањето на казната затвор заради лекарски третмани, наодот за потреба од оперативен зафат ја дал лекар, кој е баџанак на Спасов. Точно е дека пациентите сами може да избираат каде ќе да одат на преглед, и дека лекарите не може да вратат пациент. Ама белким има некој што требало да исконтролира дали се можни злоупотреби во таа баџанаковистичка околност.
Дотолку повеќе што Спасов не се јавил на закажаниот оперативен зафат, а токму врз основа на потребата од таа интервенција, му било издадено и лекарско мислење дека постоперативниот период треба да му трае два месеца во домашни услови.
Очигледно е дека Спасов добил на подарок многу време. Тој навистина се подготвувал за операција, ама не хируршка, туку бегалска. Според хронологијата на таа игра „мачка- глушец“, надлежните имале доволно време да увидат дали зад здравствените планови се кријат други намери.
Пред битката за екстрадиција, прво мора да стигне институционалниот одговор дали здравствените работници инволвирани во случајот постапиле правилно, и дали правилно постапиле судиите кои му го продолжувале прекинот на казната заради наводни здравствени потреби.
Како #Протестирам прерасна во #ШаренаРеволуција
Протестот кој започна по убиството на Мартин Нешковски на изборната ноќ во 2011 година, и подоцна прерасна во движење под името #Протестирам, деновиве еволуираше во ткн. Шарена Револуција во Македонија.
Фотографија: BIRN/Prizma
„Стоп за полициската бруталност“
На 10 јуни 2011 години стотици млади луѓе излегоа на улиците на Скопје да протестираат против полициската бруталност, откако по неколкудневен молк од полицијата, беше откриена вистинската позадина за убиството на 22-годишниот Мартин Нешковски.
Фотографија: AP
Студентски протести
Во ноември 2014 година започнаа големите студентски протести испровоцирани од воведувањето екстерно тестирање од страна на Министерството за образование.
Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski
#ПоздравПленумци
Во февруари 2015 година студентите започнаа со ткн. окупација на факултетите. Незадоволството, покрај на улиците, засилено се изразуваше и во зградите на УКИМ во Скопје и други градови.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Нов замав во 2015
Протестите се вратија на улиците на Скопје со уште поголем интензитет во мај 2015 година, откако опозицијата објави дел од прислушуваните разговори во кои можеше да се слушне како владини функционери го прикриваат убиството на Нешковски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Жестоки судири со полицијата
Граѓанските протести доведоа и до жестоки судири со полицијата. Повеќе полицајци беа повредени, а десетици демонстранти беа приведени од полицијата. Отпорот го загуби интензитетот по крвавата пресметка со терористичката група во Куманово на 9 и 10 мај во која животите ги загубија 8 припадници на МВР.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Опозициски протест
На 17 мај 2015 година опозицијата предводена од СДСМ организираше голем протест пред платото на Владата во Скопје. Протестот беше поддржан и од повеќе студентски и граѓански организации кои дотогаш демонстрираа по разни поводи, како и од неколку албански партии.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Контра-протести
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати возврати на опозициските и граѓанските протести со контра-протести. Најмасовниот се одржа во Скопје на 18 мај 2015 година.
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski
Против Уставниот суд
Одлуката на Уставниот суд да укине законска одредба и да му го врати правото на претседателот на државата да помилува, го најави новиот бран протести кој трае до денес. На 16 март 2016 повеќе илјади граѓани протестираа во близина на зградата на Судот, откако полицијата им го блокираше пристапот. Контра-демонстранти организирани од партијата ГРОМ ја „чуваа“ зградата.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Револт против Иванов
По одлуката на Уставниот суд, Иванов набрзо го искористи вратеното право на помилување. На 12 април тој им даде „милост“ на 56 политичари и нивни соработници кои беа опфатени со истрагите на Специјалното јавно обвинителство. Својот револт граѓаните го искажаа врз неговата Народна канцеларија во Скопје.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Порта Македонија во нови бои
Фасадата на Триумфалната капија или Порта Македонија во Скопје за првпат беше обоена на 15 април. Во знак на револт поради блoкадата на движењето, демонстрантите почнаа да фрлаат боја врз фасадата.
Фотографија: picture alliance/abaca/AA
Подготовка на „материјалот“
Балоните со боја се веќе широко распространети меѓу демонстрантите. Упатствата за нивна изработка и користење можат да се најдат и на интернет, исто како и стилизираните маички и сувенири поврзани со Шарената Револуција, поддршката за СЈО или пораките на обвинителките.
Фотографија: DW/E. Milosevska
Шарената револуција
Од 15 април, најпрво срамежливо, но веќе почна да се говори за почетокот на Шарената револуција. На нашата интернет страница ова име за првпат си го најде местото во наслов од текст објавена на 19 април. Во меѓувреме боењето или шарањето на „барокните“ владини и државни објекти во Скопје стана омилена пракса на демонстрантите.
Фотографија: BIRN/Prizma
12 фотографии1 | 12
Ако нема таков отчет, сите се Игор Спасов: не само тој што избегал од земјава, туку и тие што му овозможиле услови за тоа, како и тие што не се соочиле навреме со својата професионалната одговорност за навреме да спречат пропусти.
Во 2019 година, властите многу гласно бараа одговорност за овој случај. Тој ќе паднеше во уште поголем заборав, доколку Спасов не беше уапсен во Софија. Заборавањето е лош сојузник, бидејќи открива лесно и неодговорно откажување од целите.
Велат, упсешни се сите битки ако за нив силно тлее идеалот. Првата изгубена битка е кога пламенот на идеалот ќе згасне. Втората кога ќе станете целосно рамнодушни. Третиот и најголем пораз доаѓа кога ќе заборавите за што всушност сте сакале да се борите.