1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Хамас бара примирје

Клеменс Ференкоте и Агенции18 јануари 2009

По едностраното израелско примирје и делумно обновените воени акции во Газа, сега палестинското радикално движење Хамас бара еднонеделно примирје. Продолжуваат и дипломатските мировни напори на Меѓународната заедница.

Можно ли е примирје меѓу Израел и Хамас?Фотографија: AP

Претставници на палестинското радикално движење Хамас објавија еднонеделен прекин на нивните ракетни напади врз Израел, што следи откако израелската влада објави едностран прекин на огнот. Заменик шефот на Хамас, Муса Абу Марзик од Дамаск изјави дека тие прогласуваат еднонеделно примирје, но во тој период бараат повлекување на израелските копнени трупи од појасот Газа, и отворање на граничните премини. Претходно израелската армија, на само неколку часа од објавениот едностран прекин на огнот, повторно гранатираше цели во појасот Газа, при што загина еден Палестинец. Како што соопшти армиски портпарол тоа било одговор на ракетните напади што утринава ги изврши Хамас врз Израел, во близина на градот Здерот.

Олмерт го објави примирјето

По најновите воени акции, израелскиот премиер Ехуд Олмерт изјави дека се работи за „кршливо примирје“, но тој се надева дека другата страна ќе престане со нападите. Во спротивно армијата ќе реагира, рече Олмерт. Претходно тој во телевизиско обраќање ја соопшти владината одлука за еднострано примирје и победата во офанзивата против Хамас.

Израелскиот премиер Ехуд ОлмертФотографија: picture-alliance/ dpa

„Воените цели коишто ги зацртавме се исполнети. Хамас е сериозно ослабен, а им нанесовме голем удар и им ја разурнавме инфраструктурата“. Според одлуката, израелските копнени трупи остануваат во појасот.

Кризна средба во Египет

Во меѓувреме продолжуваат меѓународните дипломатски напори за целосно запирање на насилствата во Газа. Во Египет, на покана од претседателот Хосни Мубарак, денеска се одржува кризен самит за ситуацијата во на Блискиот исток. Претставник на Палестинците е претседателот Махмуд Абас кој изјави дека израелското еднострано примирје не е доволно и побара целосно повлекување на израелската армија од регионот. Претставници на Хамас не се поканети. На средбата, меѓу другите исто така ќе присуствуваат и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Никола Саркози и британскиот премиер Гордон Браун.

Инаку во 22 дневната израелска офанзива досега загинаа над 1200 Палестинци.



Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми